Во голема заблуда се сите оние кои, со цел да се заштитат од штетните последици од тутунот, но и за да можат да пушат онаму каде е забрането, од обични преминаа на електронски цигари. Тие, според бројни истражувања, подеднакво се штетни како и обичните цигари! Едно истражување на производи од тутун на Универзитетот во Калифорнија покажало дека е-цигарите содржат во себе нано честички кои предизвикуваат разни воспаленија, а кои можат да се поврзат со астмата, мозочниот и срцевиот удар и дијабетесот. Научниците од овој Универзитет исто така утврдиле дека електронските цигари можат да предизвикаат рак и да доведат до отпорност на бактериските инфекции на антибиотици!

Исто така, истражувања имаат вршено и германските стручњаци, кои дошле до заклучок дека супстанцијата пропилен – гликол, која се додава во никотинските цигари за да се создаде никотинска пареа, може да предизвика акутна иритација и трајно оштетување на респираторниот систем. Тие предупредуваат дека електронските цигари се тутунски производ кој не е средство за одвикнување од пушењето.

Употребата на електронските цигари е особено многу раширена кај младите. Направени се во сите облици: постојат електронски лајт цигари, лули, дури има и електронски томпуси, а ги има со вкус на чоколада, ванила, јаболка, круша и слично, што уште повеќе ги привлекува да ги користат.

Докажано е дека покрај никотинот, тие во маслените раствори кои ги имаат во себе имаат и бројни штетни хемикалии и тешки метали. Имено, истражувачите на Националниот институт на Италија за рак, во соработка со Универзитетот Висконсин во Америка, докажале дека овие производи во својот состав имаат присуство на тешки метали, како што се никел, олово, хром, но и нитрозамин и други канцерогени хемикалии. Студијата на стручњаците на американската Агенција за храна и лекови, пак, покажала дека течноста со која се полнат електронските цигари содржи траги од штетни материи, како што се формалдехидот и ацеталдехидот, кои можат да предизвикаат рак.

Уверени дека помалку штетат од обичните, електронските цигари ги користат подеднакво и мажи и жени. А во суштина тоа е нова опасност која се уште не е доволно истражена и за која нема цврсти докази, како што постојат за обичните цигари.

Се проценува дека 20% од пушачите пробале електронска цигара, но и дека продажбата на производи кои се поврзани со електронските цигари во следните 10 години ќе ја надмине продажбата на класичните цигари. Околу 30% од оние кои доаѓаат во Советувалишта за одвикнување од пушењето користеле електронски цигари со цел да се откажат од пушењето, но не успеале во тоа. Како најчести причини зошто се одлучиле за електронски цигари била можноста да пушат во затворени простории, да го намалат пушењето или сосема да го остават.

Додека не се утврди точниот ефект и сигурноста од користењето на електронские цигари, тие се забранети во Шведска, Норвешка, Бразил, Финска, Панама, Сингапур, Израел, Мексико, ОАР, Австралија, Нов Зеланд, Канада и во некои држави во САД. И Светската здравствена организација препорачува да не се користат овие цигари додека не се утврди нивната целосна безбедност по здравјето на луѓето.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина