Навивањето за омилениот клуб или за поединец може да донесе добри користи за општата здравствена состојба, но истовремено од него демнат и бројни опасности во тие ситуации. Голем број ТВ канали денес овозможуваат следење на разни спортски настани во текот на целата година. Временските разлики повеќе не се никаква пречка за сите оние кои сакаат непосредно да следат некој спортски настан или да го гледаат преку телевизиски пренос. Но, меѓу навивачите на трибините или пред малите екрани се наоѓаат и срцеви болни од различна годишна возраст и со разни кардиолошки состојби. Дали сте се запрашале некогаш колку е безбедно да следите спортски пренос или натпревар на стадион и во која мерка вашето срце тогаш е изложено на несакани настани? За жал, за ова се пишува и се кажува само кога некоја јавна личност ќе настрада при гледањето на пренос или при навивање на трибините.

Предност од навивањето

Факт е дека следењето на некој спортски пренос за вистинските навивачи претставува еден вид на празник. Тоа може да биде и добар вентил за празнење на натрупаниот стрес настанат во секојдневнот живот. Денес групните навивања покрај малиот екран станаа еден вид на вообичаена појава при некаков спортски настан на кој не може да присуствуваме дитекно. Најчесто тоа се случува во кафулињата, каде се навива со пијалок и се коментира.

Некогаш е многу корисно да се извикаш на натпревар или пред ТВ екранот, бидејќи потоа порелаксирано се продолжува со секојдневните активности. Ослободени сме од стресот и некако подобро се чувствуваме. Истовремено, вистинските навивачи многу ретко спортските настани ги гледаат лежерно, туку својот тим или љубимци ги бодрат со сите сили. Многумина претеруваат со тоа, како да се работи за живот или смрт. За време на навивањето, нашиот организам доживува бројни промени. Нивото на адреналин расте, што доведува до забрзана работа на срцето, расте крвниот притисок, се стеснуваат крвните садови, побрзо се дише и метаболизмо е засилен. Оние кои се склони на скокови на крвниот притисок, се доведуваат себеси во голема опасност, бидејќи можат да ја влошат својата здравствена состојба. Ова посебно се однесува на оние на кои иницијално крвниот притисок не им е добро регулиран. При налет на адреналин, коронарните болни можат значително да го влошат снабдувањето на срцевиот мускул со кислород, што пак може да испровоцира ангиозен напад или дури да доведе до инфаркт. Во исто време, со порастот на бројот на срцеви отчукувања, може да дојде до нарушување на срцевата нормална, ритмична работа, посебно кај пациентите со коронарна болест.

Стручен совет

Оние кои не се во состојба да се контролираат при навивање, најдобро да не ги следат дирекно спортските настани, туку дополнително да ја одгледаат снимката. Доколку веќе се решат да гледаат во живо некој спорстки настан, пред неговиот почеток треба да проценат дали тоа може да го загрози нивното здравје. Освен тоа, редовното земање терапија и одењето редовно на закажаните контроли кај кардиолог, претставуваат значаен фактор кој ќе ги спречи несаканите настани. Уживањето во спортот и неговото следење на тој начин ќе бидат многу посигурни и побезбедни.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина