Зачинската билка анис (Pimpinella anisum), која е недоволно застапена кај нас, се користи со векови во Шпанија, Италија, Грција, Бугарија и Русија. Поради својот пријатен мирис и вкус, за анисот знаеле уште древните Египќаните пред три ипол илјади години. Во античко време, анисот се користел во Грција за ароматизација на вината, а потоа Римјаните го пренеле во Тоскана, од каде понатаму се ширел низ Европа. Денес, тој најмногу се користи како зачин во изработката на колачи, пециво и леб. Во некои краишта, пак, со него се зачинуваат сосовите, варивата и салатите. Џемот од сливи или компотот добива посебна нота ако се зачини со анис. Своја употреба има и во козметичката индустрија и во производството на ликери и ракии.

Освен горенаведените употреби, како и повеќето билки, и анисот има лековити својства. Лековити делови му се плодот, односно зрелото семе, кое содржи етерично и мрсно масло, протеини и јагленохидрати. Доминатна состојка во етеричното масло е трансанетолот, од кој и потекнуваат неговата специфична арома и слаткастиот вкус. Поседува витамини А и Ц, фолна киселина и минерали калциум, магнезиум, фосфор и калиум. За да биде поефикасно, семето се собира исклучиво за време на суво време, во август и септември, кога семето созрева. Семето се става на топло и на провев за да се суши, а за време на сушењето обавезно се превртува неколкупати. Семето од анис делува против гасови, смирува грчеви, го јакне желудникот и го подобрува варењето, а се препорачува и за насобирање слуз во белите дробови, желудникот и мочниот меур и бубрезите. За да елиминирате мачнина настаната поради премногу масна храна, силни зачини или препржени јадења, треба да се пие три до четири пат чај од анис. Во чајот се додава пола лажичка мед и свежи листови нане.
Поборниците на народната медицина семето од анисот го препорачуваат како ефикасно средство за чистење на крвта и за јакнење на нервите, а го препорачуваат и за регулирање на нередовните менструации. Им се препорачува и на оние кои патат од несоница. Само една шолја чај од анис пред спиење е доволна за да заспиете во мирен сон.
Етеричното масло на анисот од дамнина се употребува за намалување на апетитот. Исто така, ова масло се покажало како одлично и успешно во подобрување на циркулацијата и за отстранување на целулитот. Единствено треба да се води сметка истото да не се држи на светлост и воздух, бидејќи на тој начин ја губи важната состојка анетол. Затоа, добрите познавачи на неговите корисни состојки советуваат најдобро да се користи свежото масло од анис.

Универзален чај од анис

Овој чај има широк спектар на делување, но народните доктори го пепорачуваат посебно за дишните патишта и органите за варење. Се подготвува на тој начин што една лажичка семе од анис се прелива со двестотини милилитри вриена вода, се остава да отстои 15 минути поклопено, а потоа се процедува. Чајот се пие три пати на ден по главниот оброк, иако најефикасно е ако се пие меѓу оброците и пред спиење. Чајот се пие врел и во голтки, заследен со мед ако се работи за лекување на дишните патишта, а ако се лекуваат органите за варење, се пие без мед и воопшто незасладен.

За отстранување, пак, на надуеност, која обично се појавува по обилни оброци или консумирање на тешко сварлива храна, анисот е вистинскиот лек. Тој истовремено го дезинфицира и смирува желудникот, го регулира варењето, ги спречува грчевите и со тоа и надуеноста. Лекот се подготвува така што една лажичка смелени плодови од анис се вари десеттина минути во два децилитри млеко. Кога ќе се олади млекото, му се додава една лажичка мед и така подготвено се пие неколкупати во текот на денот, додека не поминат тегобите.

 

Тагови: анис
Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина