Азуки гравот е ситен, темноцрвен грав со потекло од Кина. Од дамнина се користи во Азија во кулинарски и во медицински цели, а денес е се популарен ширум светот. Овој грав му припаѓа на семејството на мешунките, но има многу побогат вкус од повеќето од нив.

Како и другите мешунки, и тој се вари и е идеален за солени јадења. Но, може да се користи и во слатки јадења, како што се некои пити или есенски колачи, или како лековит сок. Неговите здравствени својства се значајни и е препорачлив во исхраната на дијабетичарите и на сите оние кои сакаат да ослабнат и да ја збогатат трпезата со нови и здрави рецепти.

Лековити својства

Азуки гравот има бројни лековити својства и може да помогне во лекувањетто на некои здравствени тегоби. Богат извор е на витамин Б – комплекс и минерали, како што се магнезиум, калиум, железо, цинк, бакар и манган. Азуки ја подобрува циркулацијата и протокот на крв во телото, го загрева организмот и го чисти од штетни материи. Со оглед на неговото диуретско својство, помага во исфрлањето на вишокот течности од телото.

Исто така, придонесува за правилна работа на мочниот меур, бубрезите и репродуктивните органи, а често се користи во разни диети, бидејќи придонесува за губење на вишокот на килограми. Содржи малку калории и масти, а лесно се вари и дава чувство на ситост и го намалува апетитот. За разлика од другите мешунки, азуки гравот не предизвикува надувување и гасови. Токму напротив! Помага полесно да се ослободиме од нив. Изртениот азуки може да помогне во регулирањето на менструалниот циклус и во лекувањето на дијареја и крвави столици. Во секој случај, треба да се вклучи на менито и почесто да се консумира во замена за други мешунки.

Азуки гравот се подготвува како и повеќето мешунки. Прво се мие и се остава во вода неколку часа, со цел да се скрати времето на варење. Кога ќе проврие првата вода, треба да се замени со нова и да се продолжи да се вари. Ако претходно го држите во вода, времето на варење е еден час или помалку. Азуки може да се подготвува како вариво или супа, а е идеален во комбинација со алги или ориз, што го прави одличен извор на протеини. Може да се додава во салати, да се подготвува како пире или како фил за солени и слатки пити. Ако го подготвувате како фил, додадете му тиква или сирење, па засладете го со здрава замена за шеќер. Азуки гравот може да се комбинира со компир, сирење или зелен зеленчук.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина