Симптоми на синдромот на полицистични јајници
Полицистични јајници (PCOS) се синдром при кој варира големината на јајниците и каде можат да се забележат низа од ситни фоликули поврзани меѓусебно, а чија големина е максимално од 7 – 8 мм во обем. Овој синдром се јавува кај околу 3% од адолесцентки и возрасни жени. Може да се појави веќе со првата менструација, а кај младите девојчиња релативно често се поставува дијагнозата на полицистични јајници при проблеми со нередовен циклус за време на пубертетот.
Нарушен менструален циклус
Менструалните циклуси кај ние со синдром на полицистични јајници се обично без овулација, односно без месечно созревање на јајце – клетките (ановулаторни циклуси) што може да биде причина за обилни функционални крварења. Хроничната ановулација, со неправилни месечни крварења, нивно повеќемесечно или целосно изостанување (аменореја) се најјасни показатели за постоењето на полицистични јајници, како и за зголемен уддел на машки полови хормони (андрогени).
Заболените жени мора редовно да одат на контроли и да се лекуваат цел живот, бидејќи оваа болест е поврзана со низа ризици, како што се: анемија, крварења од матката, спонтани абортуси (2 – 3 пати почести), подоцнежна менопауза, нарушување на количината масти во крвта, болести на срцето и крвните садови, зголемен крвен приисок, ризик од заболување од рак и др. Синдромот на полицистични јајници е тесно поврзан со нечувствителноста на инсулин, поради што болните од него почесто заболуваат шеќерна болест. Ризикот од појава на дијабетес кај нив е зголемен за дури 16%.
Промени на кожата и косата
Кај жените со полицистични јајници хормоните се неурамнотежени, па поради зголеменото присуство на машкиот полов хормон доаѓа до зголемена влакнетост на телото и лицето, појава на акни и до опаѓање на косата на темето од главата. Може да дојде и до промени на пигментацијата на кожата, односно до појава на темни дамки во наборите на кожата на вратот, пазувите и препоните.
Освен ова, намаленото делување на инсулинот кај овие болни доведува до забавување на метаболизмот, што предизвикува желба за внесување шеќери и јагленоходрати, што како последица има дебелеење, и тоа посебно во предлеот на половината. Дури 60% од жените со овој синдром имаат зголемена телесна тежина.
Неплодност
Неможноста за забременување може да биде еден од првите знаци за полицистични јајници. Бројни студии имаат покажано дека губењето на само 10% до 15% од телесната тежина ја подобрува функцијата на јајниците и доведува до појава на овулација и појава на редовни менструации, што го олеснува забременувањето. Токму поради тоа на болните од овој синдром кои сакаат да забременат им се препорачуваат консумирање на обилни појадоци и мали оброци за вечера. Тоа ќе го регулира нивото на инсулин, но и вишокот на килограми.
Алтернативно лекување
Алтернативните методи на лекување од ова заболување подразбираат здрава исхрана и промена на лошите животни навики. Се препорачува консумирање храна богата со основни масни киселини, протеини и фитоестрогени. Дневната исхрана треба да вклучува многу житарки, овошје, зеленчук, и потребно е да се контролира внесувањето на јагленохидрати и маснотии. Важна е и физичката активност, избегнувањето стрес, престанување со пушење и консумирање алкохол, односно кажано со еден збор, да се усвои здрав начин на живот.



