Антибактериските сапуни на база на оспоруваната состојка триклосан, не се ништо поефикасни од обичните сапуни за дезинфекција на рацете, се наведува во студијата објавена во списанието The Journal of Antimicrobial Chemotherapy. Во списанието се наведува и дека значителен број произведувачи, поради контроверзиите за опасноста на триклосанот, го повлекле ова средство од своите производи. Само 13 од 53 антибатериски сапуни во Кореја во 2014 година содржеле триклосан.

Зa да докажат дека антибактериските сапуни не се разликуваат од обичните сапуни, екипа предводена од доктор Мин-Сук Ри, од Универзитетот Кореја, во Сеул, проучувале на два начина каков ефект има триклосанот, антисептик кој најмногу се употребува во антибактериските сапуни, врз бактериите. Тие ја тестирале оваа состојка на 20 видови бактерии (Ешерихија коли, алмонела, златен стафилокок и др.) и на 16 луѓе, и ефикасноста на антибактериските сапуни во отстранување на микробите од рацете ја споредиле со онаа на обичните сапуни. Бактериите ги изложиле на триклосан за време од 20 секунди на 22 степени Целзиусови (амбиентална температура) и при потопла температура, создавајќи на тој начин услови од вообичаениот начин на миење на рацете. При тестирањето користеле 0,3 % концентрат на триклосан, што е максималната дозволена количина во ЕУ, Канада, Австралија, Кина и Јапонија. Волонтерите кои учествувале во ова истражување ги измиле рацете со антибактериски и со обичен сапун и било утврдено дека не постојат никакви важни разлики во ,,бактерискиот ефект,, помеѓу двата видови сапуни.

,,Милиони потрошувачи во САД користат антибактериски сапуни за миење на рацете и телото, трошејќи речиси милијарди долари годишно“ – истакнуваат истражувачите, и жалат што тие корисници очекуваат средството да ги заштити од разни инфекции повеќе отколку обичните сапуни. Тие исто така потсетуваат дека значителен број произведувачи поради контроверзиите за опасноста на триклосанот го имаат повлечено тоа средство од своите производи.

Во САД, санитарните власти одлучиле дополнително да ја проучат безбедноста на оваа состојка по студиите кои го поврзувале триклосанот со случаите на отпорност на антибиотиците и случаите на хормонални нарушувања, па неговата употреба би можела значително да се ограничи.

Американските научници истражувале дали може триклосанот да делува на развој на бебињата и здравјето на идната мајка. Според последните истражувања, бремените жени би требало да ги одбегнуваат антибактериските сапуни, со оглед на тоа што вообичаените соединенија кои се наоѓаат во нив можат штетно да делуваат на развој на фетусот и на мајката. Тие дошле до заклучок дека постои поврзаност помеѓу триклосанот во антибактериските сапуни и помалата тежина на новороденчињата. Коавторот на ова истражување од државниот Универзитет во Аризона, Бени Пајк, вели дека податоците покажале дека ова хемиско соединение може да доведе до нарушувања во развојот и до репродуктивни проблеми кај животните, а потенцијално и кај луѓето. Исто така, научниците од Флорида во 2010 година дошле до заклучок дека триклосанот го попречува ензимот кој е поврзан со хормонот естроген, што е загрижувачки, со оглед на тоа што естрогенот игра клучна улога во развојот на мозокот и регулацијата на гените. Некои истражувања покажуваат дека адитивите во антибактериските сапуни продонесуваат за отпорноста на антибиотиците, што претставува голем здравствен проблем. Исто така, се укажува на штетноста на хемикалиите на спермата, што го потврдуваат данските и германските научници, кои тестирале речиси 100 хемикалии кои секојдневно се користат и кои откриле дека хемиските препарати се дури трет негативен влијател врз спермата.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина