Орторексија: кога здравата исхрана ќе стане опсесија
Анорексијата и булимијата се две денес добро познати нарушувања во исхраната, додека за орторексијата, пак, не се знае ништо. Оваа патологија се однесува на оние кај кои грижата за здрава исхрана прераснува во опсесија. Важно е да се изедат пет овошја и зеленчук во денот, да не се претерува со месо, да се одбегнува палмино масло… Овие и многу други, иако добри совети, можат да станат непријатели на нашето здравје ако потребата за внесување здрави намирници се претвори во болест, која сега има и свое име – орторексија (од грчките зборови orthos ”коректно” и orexis ”апетит”).
Се повеќе луѓе сакаат да контролираат што јадат, и тоа во основа е позитивно. Но, проблемот настанува кога изборот на храна ќе стане товар од кој не можеме да се ослободиме. Кај орторексичните луѓе желбата да се хранат здраво прераснува во опсесија, и тие почнуваат да развиваат загрижувачки психички симптоми. Како и во случаите со анорексијата и булимијата, храната ја презема контролата над нивните животи. За разлика од споменатите две наршувања, кај орторексијата не станува збор за калории, туку за нутриционистичкиот квалитет на намирниците. Како и кај ,,класичните,, нарушувања во исхраната, и во овој случај пациентот повеќе не владее со односот кон намирниците кои ги консумира. Стравот од помислата дека би можел да изеде нешто што е лошо за неговото здравје почнува да создава кај него стрес и анкциозност.
Изразот орторексија за првпат го употребил во 1997 година американскиот истражувач Стивен Братмен, кој дури направил и тест, со цел да си помогне да ги идентификува потенцијалните пациенти. Иако овој израз не е признат во медицината, се повеќе доктори бараат оваа дијагноза да се постави и формално. Доктор Братмен ја опишува како психолошка состојба, во која поединецот се фиксира исклучиво на здрава и ..чиста,, храна до таа мера, што одбегнува секаков вид храна која содржи и најмало количество вештачки бои, ароми, конзерванси, пестициди или нездрави шеќери, масти или додадена сол. Орторексијата започнува со невин обид да се јаде поквалитетно, но доведува до опсесија во подготвувањето на храната и планирањето на менито дури и до неколку дена однапред. Храната која ја консумираат овие личности им станува примарна работа во нивниот живот и ако изедат нешто вон планираното мени, чувствуваат грижа на совест и се самоказнуваат со построги правила во исхраната. Како таква, орторексијата со себе носи цела низа здравствени проблеми. Некои стануваат до таа мерка опседнати со внесувањето на ,,здрава,, храна, што им се нарушува исхраната. Според достапните податоци, од оваа болест заболува 1% од населението. На прв поглед се чини дека орторексијата е поттикната од желбата за здрав живот, но прикриените причини зошто некој развива нарушување ја вклучуваат потребата за целосна контрола. Личноста која боледува од орторексија не може повеќе да зема учество во секојдневните активности и се изолира од остатокот од општеството, над кое се чувствува посупериорна.
Во последниве години, правилната исхрана привлекува големо внимание во јавноста, со постојани позитивни пораки за внесување овошје, зеленчук, житарки од цело зрно, риба, но и со негативни пораки за тоа кои се последиците од внесувањето на преработена индустриска храна како и храна богата со шеќери и масти.
Тестот на Братмен за орторексија
Имајте на ум дека следењето на постулатите за правилна исхрана не значи дека боледувате од орторексија и нема ништо лошо о тоа да се храните ,,здраво,,. Но, ситуацијата станува загрижувачка ако грижата за ,,здрава,, исхрана ви одзема премногу време и внимание или ако имате чувство на грижа на совест ако не се држите до одредено мени. За жал, се уште не постои дијагностичка алатка за откривање на орторексијата, но за да помогне во благовремено откривање на оваа болест, Братман осмислил низа прашања кои можат да помогнат во тоа. Ако одговорите на повеќе од 4 од нив позитивно, тоа е знак дека мора да се опуштите кога се работи за храната. А, ако на сите одговорите потврдно, тогаш значи дека сте сериозно опседнати со храната.
-
Дали минувате повеќе од 3 часа дневно размислувајќи за исхраната?
-
Дали ги планирате оброците неколку денови однапред?
-
Дали нутритивната вредност на оброците е поважна од уживањето во нив?
-
Дали квалитетот на вашиот живот се намалил, а се зголемил квалитетот на вашата исхрана?
-
Дали сте построги кон себе?
-
Ви расте ли самопочитта кога јадете ,,здраво?
-
Дали се имате откажано некогаш од храна во која сте уживале, само за да јадете ,,вистинска,, храна?
-
Дали ве изолира исхраната од општествениот живот?
-
Чувствувате ли грижа на совест ако не се придржувате до одредено испланирано мени?
-
Дали чувствувате целосен мир кога се храните здраво?



