Маслиново масло – извор на здравјето
Маслиновото масло како неизоставен дел на медитеранската кујна, благодарение на своите корисни својства за здравјето на луѓето, го најде своето место и на трпезите на овие простори. Дел од уникатноста на овој производ лежи во фактот што маслото се прави со гмечење на меснатиот дел од плодот на маслинката, а не од тврдите семиња, како што е тоа случај со другите масла, што придонесува за широк спектар на вкусови и ароми.
Хранливите вредности на маслиновото масло најдобро ќе бидат искористени ако се употребува како зачин за салати, сосови и други ладни јадења. Се препорачува да се избегнува при готвење, бидејќи освен што намирниците го впијат маслото и ќе се зголеми калориската вредност на оброкот, високите температури ќе ги сменат својствата на маслото.
Кај нас може да се купи маслиново масло од Шпанија, Италија и Грција. За разлика од маслата од Италија, маслиновите масла од Шпанија и Грција се направени исклучиво од маслинки од шпанско и грчко поднебје, а заради високата побарувачка на маслиново масло од Италија, маслинките таму често се увезуваат од Тунис, Египет, Сирија, Алжир и Грција, па се помешуваат со домашните.
Зошто е здраво?
Маслиновото масло го поттикнува излачувањето на желудочните сокови и на тој начин го олеснува варењето, благотворно влијае врз работата на црниот дроб и ја подобрува цревната апсорпција, во панкреасот го стимулира производството на ензими за варење и придонесува за намалување на нивото на т.н.”лош” холестерол, без да влијае на т.н. “добар” холестерол. Содржи високо ниво на антиоксиданси А и Е, кои ги неутрализираат слободните радикали кои се наоѓаат во нашето тело и се предизвикувачи на рак, но, исто така, и ја подобрува апсорпцијата на витамини, особено витамин Е. Фенолите, со кои е богато маслиновото масло, исто така, имаат антиоксидантни и антимутагени својства, имаат заштитен ефект во човечкиот организам, бидејќи ги сопираат механизмите одговорни за воспалителните процеси.
Докажана е улогата на маслиновото масло во спречување на мозочниот удар. Редовната консумација може да го намали ризикот од мозочен удар дури за 41%. Исто така, жените кои секојдневно консумираат маслиново масло имаат намален ризик за појава на рак на дојка за 45%.
Лажичка или две маслиново масло “набрзинка” – пред појадок, за време од една недела ја намалува оксидацијата на ЛДЛ-холестеролот, го зголемува нивото на антиоксиданси во крвта, особено полифенолот, има позитивен ефект врз чирот во желудникот и дванаесетпалачното црево, а спречува и создавање на камења во жолчката.
Маслиновото масло најдобро одговара со: домат, модар патлиџан, тиквички, пиперки, чили, лук, сардини, тестенини, свежи зачински билки, јајца, говедско месо, јагнешко месо, зајачко месо, пилешко месо, риба, лигњи итн.
Четири совети за маслиновото масло
1.Што е маслото помладо, толку подобро. Користете го маслиновото масло додека е свежо и ароматично, по можност во рок од една година, бидејќи неговите карактеристики драстично слабеат со текот на времето.
2. Доколку имате прилика, секогаш прво пробајте го маслиновото масло пред да го купите.
3. Маслиновото масло секогаш чувајте го на темно место, бидејќи топлината, светлината и воздухот се трите најголеми непријатели на сите кулинарски масла. Препорачената оптимална температура за чување е 14 степени. Ако немате соодветно место, чувајте го во фрижидер. Иако делумно ќе се згусне и замати, веќе на собна температура ќе биде повторно бистро и подготвено за употреба.
4. Доколку сакате дополнителен вкус, можете во шишето со масло да додадете сушени зачински билки и за неколку недели ќе го добиете саканиот резултат. Она што е многу важно да се знае е дека билките мора да бидат целосно суви, без ни малку влага, во спротивно ќе ризикувате појава на бактерии како што е ботулиниум што предизвикува ботулизам.



