За нашиот организам да биде здрав, освен здрав начин на исхрана, потребна му е и редовна физичка активност. Но, постојат неколку важни предуслови на доброто и успешно вежбање кои мора да се исполнат уште пред вежбањето. Тие подразбираат подготовка на соодветна облека и обувки, шишенце со вода и уште неколку работи кои рекреативците често ги забораваат, а ние ви ги откриваме во следниве 6 совети …

 

1.Носете памучни ткаенини

Многу е важно  спортската облека да биде од лесна ткаенина и да и овозможува на кожата да  “дише”. Некој повеќе обожува памучни маици, хулахопки или долни тренерки, додека други поудобно се чувствуваат во денешните модерни “dry fit”материјали. И двата материјали имаат свои предности. Иако облеката доста е одредена и од видот на спотот со кој се занимавате, експертите советуваат дека најпогодна комбинација за сите спортови е обична маица со кратки ракави и хеланки или  долен дел од тренерки.

2. Добрите патики се исклучително важни

Обувките за тренинг би требало да бидат прилагодени на спортот со кој се занимавате. Денешната технологија за изработка на патики е толку многу напредна  што речиси за секој спорт постојат соодветни патики. Тие се прилагодуваат на специфичните движења на секој спорт и така ги спречуваат евентуалните повреди. Да речеме, за трчање постојат патики со воздушни перничиња, оние за аеробик на пример го имаат истиот изглед, но се високи и одат околу зглобовите. Патиките за фитнес се со специфична гумирана подлога, а подлогата на патиките за тенис е  ишарана по целата должина,  за што помалку да го оштетуваат теренот.

3. Без шминка на вежбање

Жените сакаат да бидат дотерани секогаш и за секоја пригода, но шминка во теретана едноставно не оди. Непишано правило е дека треба темелно да се исчисти лицето пред секој тренинг бидејќи пудрата ги затвара порите на лицето и го спречува нормалното потење, а сенката и маскарата можат да предизвикаат иритација на очите, додека се потите.  Исто така, многу е важно да се одбере правилен градник. Не треба да биде push-up или од оние со жици, со цел да не дојде до повреда. Ако имате помали гради, одличен избор би бил спортски топ, додека за жените со поголеми гради се препорачуваат спортски градници со широки раменици. Се препорачуваат градници изработени од памук, бидејќи овозможуваат полесно испарување на потта, а памукот ги спречува можните иритации на кожата.

4. Важно е да вежбате правилно

По квалитетните подготовки, може да се опочне со тренингот, Исто така, важно е да се занимавате со спорт одбран по ваша мерка, но и да научите правилно да ги изведувате вежбите.  Во тој дел, многу е важен инструкторот, кој требба да ги упати поеднците на кој начин и колку да тренираат и да ги воведе и научи на основните фази и чекори од избраниот спорт.  Немојте да вежбате на своја рака, бидејќи можете да одберете погрешни вежби, лошо да ги изведувате, дури и да се повредите.
Постојат две главни причини зошто вежбањето мора да се изведува правилно. Првата и најважна е дека со таквиот начин на вежбање ги избегнуваме можностите од повреди, а другата е дека ако вежбаме правилно, го извлекуваме најдоброто од својот организам и трошиме максимален број калории.  Тренерот исто така треба да сугерира кога треба да се промени изборот на вежби, бројот на серии и трањето на паузите меѓу нив, темпото на важбање, бројот на повторувања итн.

5. Секогаш имајте при рака шишенце вода

За да постигнете добри резултати, важно е да водите грижа за доволно внесување на вода во организмот. Ако не го сторите тоа, може да дојде до дехидратација, а вашето тело заради последиците од недоволното консумирање на течности и зголеменото нивно губење во текот на потењето,ќе биде уморно и нема да може да го даде својот максимум. Позната е изреката „Кога ќе почувствуваме жед, ние веќе сме дехидрираниˮ. Вода треба да се пие пред и после вежбање,а во текот на вежбањето на секои 15 минути треба да се испие децилитар до два вода, во зависност од телесната тежина и интензитетот на вежбањето.

6. Задолжително истегнете се

На крајот на секој тренинг задолжително истегнете се. Целта на истегнувањето е опуштање на мускулатурата, зголемување на флексибилноста на поедниечните зглобови, намалување на можноста од повреда и побрзо закрепнување по вежбањето. Секоја вежба за истегнување треба да се изведува околу десетина секунди и да се повтори два дотри пати. Овие се вежби кои се прават бавно и во кои дишењето треба да биде мирно и ритмичко. Тие, исто така, служат за да го смират телото и да ги вратат срцевите отчукувања во нормала . За да знаете кои мускулни групи треба да протегнете  и како, консултирајте се со вашиот инструктор.