Мозокот на бебињата се развива и обликува како што растат, започнувајќи уште од првите денови од животот. Формацијата на врските меѓу невроните е поттикната од страна на околината во која се наоѓа бебето – боите, мирисите, звуците, движењата како и допирот од родителите.

Покрај тоа што се забавни за родителите, игрите со бебето се многу важни за психомоторниот развој на детето. За играта да биде поефикасна и попродуктивна, родителите треба да обратат внимание како си играат со бебето. Затоа, на почетокот треба да се запрашате “Зошто е потребно вниманието на бебето да биде активно?” Мозокот на бебето повеќе напредува во еден ден, отколку што може мозокот на возрасен човек да напредува за една година. Ние не можеме ни да ја замислиме количината на одушевеност на едно бебе од светот кој го опкружува.

Еве на што треба да обратите внимание додека ги играте веќе познатите и вообичаени игри со вашето бебе:

  1. Криенките се одлични за анимирање на мало бебе. Она што е особено важно притоа е прво да воспоставите контакт со очите со бебето. А потоа следете како расте возбудата кај него во миговите кога е се скриете и во исчекување за повторно да се појави вашето лице.
  1. Било која музичка игра или пуштање музика започнете го така што прво вие ќе изведувате звуци, гледајќи го притоа вашето бебе директно в очи. Тоа нека биде некоја лесна, едноставна мелодија, која се повторува.
  1. Секоја игра која подразбира телесен контакт треба да се започне со нежен допир или со земање на бебето во раце. Интензитетот на играта зголемете го во однос на реакцијата на вашето малечко.
  2. Одбегнувајте игра поради игра, односно, не го попречувајте бебето ако видите дека самото се има загледано или заинтересирано за нешто. Ако гп правите тоа, за неколку години ќе имате пасивно дете кое секогаш ќе чека да го забавувате.
  1. Одбегнувајте дигитални помагала, посебно кај новороденчињата и помлади бебиња.

Понекогаш вашето бебе нема да реагира онака како што сте очекувале, но тоа нека не ве загрижува. Може да се случи и бебето да не биде расположено за играње во исто време кога вие сакате, и тоа е сосема природно. Обидете се друг пат, кога ќе видите дека тоа е заинтересирано. Исто така, ќе се случува да немате време за играње кога вашето бебе ќе биде расположено за дружење. Не грижете се, и тоа е нешто поради кое не треба да ве гризе совеста. Малку одложување на играта никако не може да му наштети на детето. Освен редовната игра и грижата за бебето, постои цела низа на едноставни игри кои во секој миг можат да се играат, а кои ќе го поттикнат развојот на мозокот на бебето. Игрите се состојат од активности кои ги стимулираат чувствата и кои претставуваат почеток на интелектуалното и физичкото учење.

Студиите сугерираат дека оние бебиња кои се стимулирани напредуваат многу брзо во развојот и порано стануваат независни. Тие имаат поизострени сетила, подобра координација на мускулите и посигурни се во себе. Раното работење на психичкиот развој на бебето ила многу позитивни последици подоцна, посебно кога детето ќе тргне на училиште, каде неговите предности и квалитети стануваат мерливи во однос на врсниците.

Стимулацијата може да биде забавна и за вас и за бебето. Не учи само бебето за светот околу себе, туку и вие можете многу да научите за своето бебе низ стимулативните игри. Исто така, низ играњето се усовршувате како прв учител на своето дете.

 

Тагови: бебемозок
Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина