Историски гледано, научните истражувања отсекогаш биле воглавно насочени кон мажите. Како една од тие последици, жените се премалку застапени во клиничките истражувања за ракот, кој ги напаѓа и двата пола, открива една нова студија. Научниците истакнуваат дека за тоа можат да бидат одговорни повеќе фактори, започнувајќи од прашањата поврзани со грижата за децата, па се до колебањата на научниците да ги подложат жените на експериментални лекувања и лекови.

Во другите области во кои недостасуваат доволно информации за медицинските проблеми на жените, проблемот не е само во сексизмот. Флуктуацијата на хормоните кај жените се, да речеме, комплицирани, и можат да дадат збунувачки резултати. Но, во последниве години, на тоа поле жените добиваат поголемо внимание, иако и понатаму од јавноста е тешко да се исфрлат некои врежани мислења, кои се погрешни, па затоа со право можеме да ги прогласиме за митови. Еве ги најголемите митови за женското тело.

Мит бр. 1: Докторот може да препознае дали е жената девица

Дури и со десетократно зголемување, докторите не можат сосема прецизно да ги раздвојат девиците од сексуално активните жени, известуваат неколку студии. Тоа не може да се открие само со барање дупки во хименот, бидејќи во хименот секогаш има дупки.

– Некои луѓе мислат дека хименот всушност ја ,,запечатува,, вагината (до првата пенетрација), но тоа едноставно не е точно – објаснува доктор Рејчел Вриман од Универзитетот од Индијана. Таа нагласува дека во ретки случаи, кога хименот навистина ја има ,,запечатено,, вагината, почнува да се насобира крвта од менструацијата, што доведува до сериозни здравствени проблеми.

Мит бр. 2: Контрацептивните пилули не се ефикасни додека пиете антибиотици

Контрацептивните пилули се сами по себе ефикасни во 99% од случаите. И тој процент не се менува ни кога се земаат во комбинација со антибиотици. Можен исклучок е рифампинот, антибиотик кој се препишува за туберкулоза. Рифампинот навистина го намалува нивото на хормонот кој штити од бременост, а чие создавање го поттикнуваат контрацептивните пилули. Но, се уште не е потврдено дека дејството од рифампинот е доволно силно за да го зголеми ризикот од забременување додека жената зема контрацептивни пилули.

Мит бр. 3: И на жените и на мажите им е потребна иста количина сон

Немирниот сон кај жените предизвикува психолошки немир и им го зголемува нивото на инсулин, а со тоа и можностите за појава на воспалувања, односно фактори на ризик кои можат да им го загрозат здравјето. Истражувањето спроведено на колеџот Варвик во 2007 година на над 6.000 доброволци открило дека жените кои спијат навечер по пет и помалку часа се повеќе подложни на хипертензија од оние жени чиј сон трае седум и повеќе часа. Кај мажите не е откриена оваа последично – причинска врска. Значи, жените треба да се спијат повеќе.

Мит бр. 4: Желбата за секс спласнува поради менопаузата

Една голема студија за сексуалните навики направена во САД открила дека половина од жените кои се во своите 50 – ти години од животот имаат сексуални односи повеќе пати месечно. Иако нападите на топлина и другите непријатности кај овие жени привремено им го намалуваат расположението за секс, сепак не е потврдена директна врска помеѓу менопаузата и желбата за секс.

Мит бр. 5: Невозможно е да се забремени за време на менструација

Иако можностите жената да забремени за време на менструација се многу мали, докторите предупредуваат дека ,,ништо не е невозможно кога се работи за бременоста,,. Штом еднаш ќе влезат во жената, сперматозоидите можат да преживејат и една недела, чекајќи да оплодат некое јајце. Овулацијата може да се случи многу брзо потоа, па дури и во периодот во кој жената крвари. Контрацепцијата која се базира на временскиот период на менструалниот циклус не е особено сигурна.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина