Ако имате проблеми со испуканите пети и лупењето на кожата на овој дел од телото, важно е да се открие вистинската причина за овој проблем за да можете полесно и побрзо да се ослободите од него

 

Прекумерно потење на стапалата

 

Ако сте често во движење за време на топлите денови и притоа носите затворени обувки, нозете засилено се потат. Засиленото потење доведува до насобирање на вишокот влага во обувките, коишто стануваат плодно тло за некаков полесен облик на инфекција. Сето тоа на крајот ќе резултира со лупење на кожата на петите. Стапалата многу помалку ќе се потат во обувки изработени од природна кожа.

 

Високи потпетици со каивчиња и јапонки

 

За разлика од класичните салонки, отворените потпетици со каивчиња при одење предизвикуваат триење, поради кое кожата на петите се оштетува. Освен задебелување, пукање и лупење на кожата, доаѓа и до формирање на жуљеви. Ист ефект на стапалата имаат и јапонките.

Сончање без заштита

 

Сте се вратиле од летување – со испукани пети. Причината за тоа најверојатно е во прекумерното изложување на петите на сонце. Токму стапалата се дел од телото кој најчесто забораваме да го намачкаме со крема за сончање или пак мислиме дека воопшто не реба да се третираат со такви средства. Секако, тоа е погрешно. Изложувањето на стапалата на сонце ќе им предизвика изгореници поради кои кожата на нив пука и се лупи.

 

Дехидратација

 

Можеби не сте мислеле дека премалото внесување вода во телото влијае и врз изгледот на кожата на стапалата. Ако не пиете доволно вода, ќе ви се лупи кожата од сите делови на телото, бидејќи водата е важна општо за кожата.

Габични инфекции

 

Причина поради која кожата на петите лесно пука понекогаш може да има малку посериозна природа. Имено, меѓу прстите се развива габична инфекција, посебно ако во текот на топлите летни денови често нозете ни се во затворени модели на обувки, во коишто стапалата немаат воздух. Ако и покрај редовен пилинг и третирање на стапалата со креми не можете да го спречите лупењето на кожата, обратете се на доктор по општа пракса, кој ќе утврди дали проблемот е некаква инфекција.

 

Егзем

 

Егземот, познат и како дерматитис, е име за воспалителна болест на кожата. Симптомите на егзем најчесто е чешање, црвенило и натеченост и испуканост на кожата. Ако ја забележите појавата на наведениве симтоми, обратете се на доктор.

 

Природна обнова на кожата

 

Ако во вашиот случај испуканоста и лупењето на стапалата е само краткотрајна појава која брзо ја санирате, тогаш се работи само за природен процес на обнова на кожата и нема место за загриженост.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина