Плунката е природен дезинфикатор на устата, бидејќи помага во одржувањето на здравјето на непцата, го спречува расипувањето на забите и од забите ги измива честичките од заостаната храна и со тоа станува многу важен фактор во борбата против кариес и други инфекции. Содржи бројни ензими кои го започнуваат процесот на варење на храната во устата, како и минерали, а има имунолошка функција во заштитата од микроорганизмите, кои можат да предизвикаат болести на забите и на оралната слузница. Џвакањето го поттикнува создавањето на плунката. Ја произведуваме околу половина литар на ден. Милиметарскиот слој плунка која ја обвиткува усната шуплина е составен од 98% вода и 2% активни материи, кои влучуваат електролити, слуз, антибактериски соединенија и ензими. Секоја состојка има своја улога – разбивање на скробот и мастите, лубрикација на храната за полесно нејзино голтање и одбрана на забите и непцата од киселините.

Плунката ги убива бактериите и микробите, кои во устата ги има над милијарда. Научниците во 2006 година пронашле во плунката аналгетик кој е за шест пати посилен од морфиумот. Иако плунката ја чува усната шуплина, дава знаци за други процеси во телото. Помеѓу другото, ако ја нема во доволна количина, доведува до сувост на устата, која може и природно да настане, бидејќи со тек на годините опаѓа производството на плунка. Но, до сувост на устата може да дојде и од некои лекови, како што се антихистаминиците и деконгестивите. Плунката му служи на телото како моторното масло на автомобилот – ги подмачкува забите и устата, кои ги штити од испукување и оштетувања за време на загризувањето.

Во модерната медицина се користи како индикатор за болести, бидејќи преку нејзиното тестирање можат да се добијат многу информации за вашиот генетски тип и хормоните, а со нејзина помош може да се дијагностицираат болести, од дијабетес до рак. Така на пример, тестирањето на плунката го покажува нивото на хормонот мелатонин, што им дава на докторите подлога за лекување на несоницата и воспоставување на циркадијален ритам на телото.

Нормалната pH вредност на плунката е околу 7. Тоа можете да го проверите кај стоматолог или со ленти кои се купуваат во аптеките. Ако плунката ви е под оваа неутрална вредност, бактериите побрзо и повеќе ќе се размножуваат на забите, а со тоа се зголемува веројатноста од расипување на забите. Во тоа можат да помогнат намирниците богати со аргинин (црвеното месо), кои ќе ја намалат киселоста на плунката. Доколку имате леплив вкус во устата, причината за тоа може да биде тоа што често дишете на нос. Вдишувањето и издишувањето низ носот ја хидратизира устата и така за цело време ги штити забите.

Што кога варира ph вредноста?

Плунката содржи пуферски системи кои спречуваат прекумерни и нагли промени на pH вредноста, и на тој начин ги штити тврдите забни ткива од деминерализација. Во случај на недостаток или променет состав на плунката, забите стануваа подложни на кариес, кој брзо се шири.

Лубрикантните протеини во плунката ги штитат забите од нас самите. Забот е најтврдиот објект во човековото тело и постојано ги удираме едни со други со сета сила на вилицата. Без овие протеини во плунката, забите би се потрошиле во целост за неколку годиини. Но, со правилна нега можат да потрајат и до 80 години. Освен тоа, минералите во плунката овозможуваат нивна минерализација. Тие секој ден губат по мала количина од минералните состојки поради ,,работата,, на бактериите, забниот камен или изложувањето на киселините од храната и пијалоците. Овие минерали треба да се надополнат, а тоа се постигнува со помош на минералите во плунката. Таа помага и во џвакањето на храната, со тоа што ја прави полесна за голтање и во истовреме ја штити и слузницата од механички повреди и гризнувања.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина