Аронијата е растение кое е се популарно во нашите краишта, пред се поради своите многубројни лековити својства. По потекло е од Северна Америка, но кај нас е донесена од Русија и Украина, каде масовно се одгледува, посебно во Сибир, па поради тоа кај нас е позната уште и како сибирска боровинка. Отпорна е на мраз и ниски температури дури и до – 45 степени Целзиусови и нема природни непријатели. Не е потребно да се прска, па затоа спаѓа во многу здрава намирница. Му припаѓа на семејството на рози, а познати се три основни видови – црна (Aronia melanocarpa), црвена и пурпурна. Кај нас се употребува црната аронија, која многу наликува на плодот на боровинката.

Лековитоста на аронијата

Лековитоста на аронијата се огледува во високата содржина на антиоксиданси, кои ги има многу повеќе отколку во која било друга позната намирница која се користи во човековата исхрана. Богата е со витамините А, Ц, Е, Б (2, 6, 9) и со витаминот П. Содржи и макро и микроелементи – калциум, калиум, железо, манган, фосфор, јод, молибден, како и овошен шеќер сорбитол. Лековит дел кој се јаде од аронијата е плодот. Тој во свежа состојба има горчлив вкус, бидејќи содржи малку шеќер, но кога добро ќе соз реее и ќе отстои на гранка (еден месец по созревањето) станува посладок и повкусен. Листовите од аронијата исто така се употребуваат и кога ќе се исушат се користат за подготовка на чај.

Значењето на аронијата за здравјето

Некои од нејзините позитивни ефекти врз организмот се:

  • ја прочистува крвта, ја поттикнува циркулацијата и го намалува крвниот притисок
  • ги ублажува главоболките (посебно мигрената)
  • има поволно влијание врз желудникот и цревата (спречува дијареја, помага при чир на желудник и при воспалителни болести на цревата)
  • го јакне имунитетот, па така ги спречува вирусните и бактериските инфекции
  • ја регулира работата на панкреасот, корисна е за лекување на шеќерна болест
  • ја регулира работата на црниот дроб и на жолчното ќесе
  • помага за правилно лачење и функционирање на хормонот на тироидната жлезда
  • има висок антиоксидативен капацитет, па е значајна во борбата против слободните радикали и во спречувањето на настанокот на малигните болести, како и во лекувањето на малигнитетот, бидејќи ги уништува малигните клетки
  • помага во зараснувањето на раните, штити од УВ зрачење, го забавува стареењето на кожата и организмот во целост
Аронијата во исхраната

Аронијата во исхраната воглавно се користи како ладно цеден овошен сок (сируп). Oд 1 кг. свежа аронија се добива околу 600 мл. густ сируп, кој е речиси црна боја. Сирупот се користи неразблажен три пати на ден по 50 мл., или разреден во вода, чај и други природни овошни сокови (цедено јаболко или дуња). Плодот исто така се користи и во сушен облик, но и за правење џемови, вина и овошни ликери. Еве неколку предлози како сами да направите пред се вкусен, но и здрав ликер од аронија.

 

Рецепт 1:

Потребно е:

  • 1 кг. свежи плодови од аронија
  • 250 гр. шеќер
  • ракија (лозова)

 

Аронијата измијте ја добро, ставете ја во стаклен сад (најдобро поголема тегла), посипете со шеќер и прелијте со алкохол, така што ќе го покријат овошјето 5 10 см. над овошјето. Затворете го и оставете го да стои цели 5 недели, потоа процедете го и истурете го во стаклено шише.

Рецепт 2:

Потребно е:

  • 1 кг. аронија
  • 1 кг. шеќер
  • 1 лимон
  • 4 ванилин шеќери
  • 1 парче ѓумбир
  • 2 стапчиња цимет
  • 2 л. ракија (лозова)

 

Измијте ја аронијата, лимонот исечете го на кругови, ѓумбирот излупете го и исечете го на помали парчиња. Во голема стаклена тегла ставете ги сите овие состојки и прелијте ги со ракија, па сето добро измешајте го. Потоа додадете ги зачините и пак промешајте. Затворете го садот и држете го на сонце 6 недели. Одвреме навреме мешајте го и пак затворајте го. По 6 недели процедете ја содржината и ставете ја во чисто стаклено шише.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина