odmor_1

 

Сезоната на годишни одмори веќе започна и воглавно оние кои патуваат веќе избрале дестинација за патување. На лето генерално се одлучуваме за морски амбиент, но многу од туристите во овој период од годината ги посетуваат и планините и бањите. Експертите велат дека при изборот на место за годишен одмор треба да се земе во предвид тоа кои климатски услови ќе му обезбедат на телото најдобар одмор, каде најдобро ќе се ослободиме од стресот и ќе се наполниме со позитивна енергија.

Оние кои немаат здравствени проблеми може да избираат според своите афинитети и финансиски можности, но хронично болните треба повнимателно да се распрашаат за предностите и недостатоците на избраните туристички дестинации.

Генерално, на организмот му годи промена на местото на живеење и климата. Меѓутоа, доколку се нагли промените во температурата или надморската височина, тоа во почеток може да му изгледа како шок на организмот и затоа е потребно време за адаптација, па дури тогаш може да се опушти и максимално да ужива. На планините овој период трае 3-5 дена, во зависност од надморската височина, а на морето малку пократко, и, генерално, се однесува на постепено изложување на сонце. Но, доколку во пршање е хронично болен, периодот на аклиматизација трае подолго.

odmor_2

 

Планинската клима се карактеризира со исклучително чист воздух, пријатна сончева светлина, низок барометарски притисок и високо ниво на кислород, како и многу корисни лесни негативни јони кои им даваат енергија на клетките и го подобруваат имунитетот. Оваа комбинација е многу добра за здравјето, како и кај исцрпените луѓе кои се под стрес или имале неправилен начин на исхрана во текот на годината. Планината им годи и на оние кои страдаат од кардиоваскуларни заболувања, бидејќи ја олеснува работата на срцето и дишењето, го забрзува метаболизмот и ја намалува тежината. Сепак, треба да се има во предвид дека престојот на планините повисоки од 800 метри не им се препорачува на најмладите и луѓето постари од 60 години. До 800 метри надморска височина е оптимално, и не ги оптеретува во значителна мера срцето и белите дробови.

Бањите, според експертите, се најдобро училиште на животот. Освен поволните климатски фактори, тие изобилуваат и со природни потенцијали, како што се термалните води,лековитата кал и гасови и слично.

Во бањските центри се помали осцилациите на дневните и ноќни температури, и секогаш е присутен професионален медицински персонал. И што е најважно, бањите немаат сезона, благотворно делуваат на сите посетители за време на сите 365 дена од годината.

Предноста на престојот на планина, освен поволниот климатски фактор, е фактот што пониската температура во текот на ноќта обезбедува рамнотежа на симпатикусот и парасимпатикусот од нервниот систем (компоненти на автономниот нервен систем), што придонесува за ревитализација на организмот. Свежиот планински воздух е добар и за закрепнување од анемија и придонесува за зголемување на нивото на хемоглобин и црвени крвни зрнца. Висината ќе им годи и на луѓето кои се нервозни или чувствуваат вознемиреност, а овде би требало да се одмараат и оние кои имаат зголемена функција на тироидната жлезда.

На најмладите им се препорачува престој на море, бидејќи тоа ќе им го подобри имунитетот, ќе бидат поотпорни во текот на годината, а медитеранската клима може да ги елиминира или барем редуцира респираторните болести. Родителите треба да бидат внимателни околу изложеноста на нежната детска кожа на сончевите зраци. Не треба да се заборави дека сончевото зрачење се одбива од површината на водата и може да дејствува на кожата, дури и кога детето е под сенката на чадорот.

Сувата, топла и сончева медитеранска клима посебно им се препорачува на пациентите заболени од бронхијална астма, а морето им годи и на оние кои боледуваат од туберколоза, хроничен бронхитис, поблаги кардиоваскуларни заболувања или невролошки пореметувања.

Одморот на море во сезона не им се препорачува на луѓето со активни малигни заболувања, особено меланом . За да бидат видливи поволните ефекти од престојот на планина или на море, одморот би требало да трае најмалку две недели.