Пиво јога
Постојано дознаваме за нови техники на вежбање, различни видови фитнес кои го јакнат телото, го топат салото од одредени делови од телото, ја подобруваат концентрацијата… Меѓутоа, новиот вид јога, кој моментално го има запалено светот, секако е најнеобичен!
Замислете еден тренинг на кој можете да пиете алкохол и истовремено да работите на истегнување на мускулите. Токму овие две нешта ги спојува најновиот вид на јога, познат во светот под името ,,пиво јога”.
Наводно, овој вид на вежби го имаат измислено берлинските хипстери, кои со молскавична брзина станале популарни ширум светот, а посебно во Австралија. Тоа и не е чудно, кога се знае дека Австралијанците се страсни консументи на овој пијалок.
Инструкторите на оваа необична фитнес техника велат дека нејзината голема популарност лежи во фактот што спојува две големи љубови кај повеќето луѓе – физичката активност и пивото, а тие две со векови се користеле во терапевтски цели – за опуштање на телото и умот.
Освен тоа, основачот и инструкторот на овие вежби, Јула, смета дека, иако делува забавно, оваа јога не е шега.
– Пиво јогата е забавна, но не е шега. Ние ја применуваме филозофијата на јогата и ја спојуваме со уживањето во пиењето пиво, се додека не го достигнеме највисокото ниво на самосвесност – вели Јула.