Во последно време, многу се зборува за чаевите за слабеење. Можеби веќе ги имате испробано вие или некој од вашите пријатели. Чаевите кои ветуваат согорување на калориите и топење на масното ткиво постојат насекаде околу нас, а приказната за слабеење без ни малку напор е навистина примамлива. Сепак, дали сте се запрашале некогаш како тие чаеви можат да влијаат врз здравјето и кои состојки ги содржат, штом даваат такви драстични резултати? Стручњаците тврдат дека чаевите за слабеење воглавно се неефикасни и, во најлош случај, опасни по здравјето. Во продолжение погледнете ги сите факти кои секако мора да ги земете во предвид пред да поверувате во приказната за чудотворните чаеви и да почнете да ги користите.

 

Ќе ја загубите само ,,водената тежина,, но нема да ослабнете

‘Водената тежина’ во најголем број од случаите е одговорна за наглото зголемување на телесната тежина, посебно наутро, кога знаеме да се разбудиме со 1 – 2 килограми вишок од претходниот ден. Тоа е вообичаена појава кај многумина, а нивото на телесни течности е подложна на промени. Освен тоа, постојат и некои здравствени состојби кои можат да предизвикаат задржување на вода во организмот. Чаевите за слабеење делуваат така што го поттикнуваат лачењето на течностите, односно имаат диуретски ефект и затоа честопати даваат брзи резултати. Всушност, тука не се работи за вистинско слабеење, туку за губење на ,,водената тежина,,. Постојат многу растенија кои имаат лаксативен и диуретски ефект, а некои од нив ако се користат претерано можат сериозно да му наштетат на здравјето, па затоа најдобро е да не ризикувате, советуваат стручњаците.

 

‘Природно’ не значи и ‘безбедно’

Ако на некој производ е наведено дека е 100% природен, тоа не мора нужно да значи дека е безбеден по здравјето. Сите суплементи за слабеење – дури и оние кои содржат безбедни состојки – се сосема нерегулирани. Стручњаците за исхрана тврдат дека производителите можат да наведат на етикетите било што, па дури и тврдења кои се неосновани. Она што е најзастрашувачко од се е што често не ги откриваат сите состојки, а тоа е честа пракса кога се работи за додатоците за губење на килограмите, предупредуваат стручњаците. На пазарот многу често можат да се најдат додатоци и чаеви кои содржат опасни сстојки кои се поврзувани со срцеви удари и со слични здравствени проблеми. Од таа причина, не купувајте никакви чаеви или слични додатоци кои ветуваат брзи резултати, а се од непознати и непроверени производители.

Подобро е да пиете вистински чаеви

 

Денес, постојат многу здрави и проверени растителни чаеви, чии здравствени предности се повеќекратни. Бел, црн или зелен чај се само некои од овие здрави чаеви кои треба да ги вметнете во својата секојдневна рутина и кои можат да направат чуда за вашето здравје, да го поттикнат метаболизмот и да го олеснат губењето на вишокот килограми. Посебно полезен е зелениот чај доколку сакате да ослабнете, бидејќи содржи соединенија кои го поттикнуваат согорувањето на калориите и така можат значително да делуваат на губењето на килограмите.

 

За крај, не заборавајте дека најголема улога при слабеењето, сепак, имаат исхраната и физичката активност. Сите додатоци и суплементи кои ветуваат брзи и инстант резултати можат да бидат ефикасни само на куси патеки и, во најлош случај, опасни по здравјето.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина