Читањето книги може да го продолжи животниот век за две години, велат научниците од Универзитетот Јејл, во САД, кои резултатите од своето неодамнешно спроведено истражување го имаат објавено во списанието Social Science & Medicine.

Ко-авторката на студијата, Бека Леви, професорка по епидемиологија на универзитетскиот Оддел за јавно здравје и нејзините колегид тврдат дека читањето е корисно за здравјето. И покрај се поголемата популарност на е-изданијата на книги, продажбата на печатените изданија е во пораст.

Но, читањето книги не е само популарна разонода. Имено, бројни спроведени студии покажале дека читањето е добро за разни аспекти на здравјето. Неодамнешното истражување покажало дека читањето книги фикции кај некои луѓе поттикнува емпатија. А, најновото истражување на професорката Леви и нејзините колеги отишло еден чекор понатаму, покажувајќи дека оние кои читаат книги во просек умираат две години подоцна од оние кои не читаат.

Повеќе читање – подолг живот

Истражувањето било спроведено над 3.635 испитаници постари од 50 години, кои научниците ги поделиле во три групи: оние кои не читаат книги, оние кои дневно трошат по три ипол часа на читање книги и третата група биле оние кои дневно читале повеќе од три ипол часа.

Резултатите покажале дека, во споредба со оние кои не читаат, оние кои читале по три ипол часа дневно имале за 17% помали изгледи дека ќе умрат во наредните 12 години, додека кај третата група овие шанси биле намалени за 23%. Било заклучено дека оние кои читаат во просек умираат две години подоцна од оние кои воопшто не го прават тоа.

Со истражувањето не е прецизно утврдено кој механизам им го продолжува животот на читачите, но Леви и колегите претпоставуваат дека може да се работи за позитивното влијание врз когнитивните функции. Во прилог на тоа оди и едно истражување спроведено во 2003 година, кое покажало дека читањето ја поттикнува комуникацијата меѓу мозочните клетки.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина