Цигарите ги уништуваат мускулите
Најновата студија покажува дека цигарите ги оштетуваат мускулите. Пушењето директно го намалува бројот на крвните садови во мусклите на нозете и ја ограничува количината на кислородот и нутритиентите кои ги примаат. Претходните студии покажале дека пушењето ги ослабнува мускулите, бидејќи белите дробови стануваат воспалени поради пушењето, а со самото тоа се намалува и способноста за вежбање или правење на било какви физички активности. Оваа студија, која ја спровеле истражувачите од Бразил, Јапонија и Калифорнија, е прва која го потврдила директното влијание на цигарите врз мускулите.
Некои порани истражувања покажале дека цигарите ги стеснуваат артериите во телото, го намалуваат протокот на крв до срцето и капацитетот на белите дробови, поради што морате повеќе да се напрегнувате за време на физички активности. Со тоа се ограничува способноста на телото да изведува одредени вежби и движења, како и можноста за раст на мускулите, велат стручњаците. Меѓутоа, истражувањето покажало дека тој ефект е многу поголем отколку што се мислело порано. За потребите на студијата, тимот научници, во времетраење од осум недели,изложувал лабораториски глувци на чад од цигари, преку инхалација и со вбризгување меурчиња наполнети со чад. Утврдил дека односот на капиларите и мускулните влакна бил за 34% помал кај оние глувци кои биле изложени на чадот од цигари. Капиларите се најмалките крвни садови во телото. Високиот однос на капиларите и мускулните влакна значи дека е подобар протокот на крвта до мускулните ткива.
Меѓутоа, оваа студија покажува дека колку се помали крвните садови, толку се намалува дотокот на крв до мускулите, оставајќи ги без кислород и нутритиенти. А, кога ќе дојде до тоа, мускулите се послаби и не можат да издржат голем број физички активности. Со тоа се зголемува и ризикот од некои долгорочни заболувања, вклучувајќи ги тука опструктивните белодробни болести и дијабетесот.
Отпорноста на замор исто така била намалена за 43% кај глувците изложени на чадот од цигари, што значи дека мускулите брзо слабеат, се заморуваат и се појавуваат болки. Иако научниците утврдиле дека таквите реакции т.е. слабеењето најпрво се чувствуваат во мускулите на нозете, не можеле да утврдат која точно хемикалија во цигарите е одговорна за тоа. Истакнуваат дека цигарите содржат повеќе од 4.000 разни видови хемикалии, од кои повеќето се штетни и канцерогени.
Многу е важно луѓето да знаат какви штетни последици врз телото оставата цигарите, вклучувајќи ги и последиците врз мускулните групи кои ни се потребни за секојдневно функционирање. Сето тоа е многу важно и поради тоа што физичката активност го поттикнува производството на сивите мозочни клетки и на здравите нервни клетки, кои се важни за нормално функционирање на мозокот и нервниот систем. Од друга страна, недостатокот на физичка активност (до која доаѓа поради тоа што мускулите слабеат со пушењето цигари) му го отежнува на телото производството на нови нервни клетки, од кои некои се многу важни за соочување со стресот и за прилагодување на секојдневните предизвици.
Со оглед на тоа што во нозете се наоѓаат некои од најголемите мускули, тие се од поголема важност за физичката активност и за стимулирање на мозочните активности отколку некои други мускули.