Како што истакнуваат многу нутриционисти, ова млеко е едно од најздравите во светот, а може да се направи и дома, и тоа за многу кусо време. Консумирањето бадеми се препорачува обично во случаите на констипација, нарушувања во работата на дишните органи, кашлица, срцеви тегоби, анемија, импотенција и шеќерна болест. Тие се извор на витаминот Е (кој е клучен за здраво срце), калиум, фосфор, железо, магнезиум и витамин Б6 (кој е задолжен за правилно функционирање на имунолошкиот систем) и влакна. Бадемите содржат и цинк, селен, бакар, нијацин, омега – 3 и омега – 6 масти, а во однос на другите јаткасти плодови, спаѓаат во категоријата најхранливи. Најдобро е да се јадат на празен стомак, за да може да се обезбеди подобра апсорпција на хранливите материи од нив. Богатството со витамини и минерали на бадемите го прави многу богато бадемовото млеко и затоа не е потребно дополнително да се витаминизира.

Само 15 грама бадеми задоволува дури 50% од нашите дневни потреби со сите наведени витамини, па затоа имаат добиено статус на супер храна, а нивното внесување во организмот доведува до јакнење на имунитетот и штити од многу болести. Токму поради тоа нутриционистите го предлагаат бадемовото млеко како совршена замена за кравјото млеко.

Лековитоста на бадемовото млеко

Бадемовото млеко има позитивни импликации врз мозокот и функциите на нервниот систем, а посебно е препорачливо кај деца во развој. Благопријатно делува врз срцето, бидејќи мононезаситените масти се едни од најздравите за функционирање на човековиот организам. Токму мононезаситените масти, протеините и калиумот кои ги има во бадемите се причината зошто тие се препорачуваат кај срцеви болести и за регулирање на нивото на холестерол. Редовното консумирање бадеми го зголемува нивото на ХДЛ добриот холестерол, а го намалува нивото на ЛДЛ лошиот холестерол. На овој начин бадемите влијаат на регулирање на нивото на холестеролот. Тие се добри и при превенцијата од шеќерните болести, бидејќи ја спречуваат зголемената концентрација на инсулин во крвта по оброк, ги јакнат коските и забите, но се користат и како значајна состојка во козметичките препарати за нега на кожата.

Природното бадемово млеко помага за намалување на телесната тежина, така што мононезаситените масти даваат чувство на ситост и го спречуваат прејадувањето. Бадемите поседуваат т.н. пробиотски својства, со кои го зголемуваат нивото на добри бактерии во цревата и продонесуваат за правилно функционирање на органите за варење. Научниците утврдиле дека мелените бадеми значително го зголемуваат нивото на добри бактерии на тој начин што ги користат незаситените масти од бадемите за свој раст и активност. Но, како сите намирници, така и бадемите имаат свои недостатоци. Содржат оксалати, па затоа оние кои имаат проблеми со бубрезите и жолчката не би требале да ги консумираат.

Направете го сами:

Потребно: 1 чаша бадеми и вода (по желба цимет и засладувач)

Бадемите ставете ги во студена вода и оставете ги преку ноќ да омекнат. Фрлете ја водата, а омекнатите бадеми ставете ги во блендер, без да ја лупите лушпата. На една чаша бадеми додадете 4 чаши вода во блендерот. Кога бадемите ќе бидат целосно иситнети, смесата процедете ја низ газа. Добиеното млеко чувајте го во фрижидер и искористете го во рок од 3 до 5 дена.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина