Здравјето не мора да зависи од гените
Во не толку далечното минато, научниците сметале дека одредени фактори поврзани за општото здравје на човекот не можат да се контролираат. Имунолошкиот систем, долговечноста, брзината на метаболизмот и реагирањето на стресот се сметаат за непроменливи. Меѓутоа, најновото истражување демонстрира дека е можно да се влијае и на тие фактори и да си обезбедиме себеси подолг и поквалитетен живот. Еве неколку начини како:
Во неодамнешната студија на ПНАС, истражувачите упатиле неколку испитаници во техниката на дишење и медитација, додека еден дел од нив не ја поминал таа обука. Подоцна сите добиле доза на бактерии кои предизвикуваат симптоми слични на грип. Било откриено дека оние кои тренирале медитација и дишење имале послаби симптоми на грип, поради тоа што произведувале повеќе епинефрин, хормон кој ја потиснува работата на имунолошкиот систем.
– Наша цел беше да истражиме дали е можно доброволно да се влијае врз автономниот нервен систем и врз реакциите на имунолошкиот систем со овие техники – објаснува Матијс Кокс, водач на студијата. – Докажавме дека тоа е навистина возможно.
Кокс вели дека не може да гарантира дека сами ќе успееме да ги повториме истите резултати, но дека техниките на правилно дишење го намалуваат стресот, го подобруваат расположението и на тој начин секако влијаат подобро да се чувствуваме.
Покрај тоа, уште едно истражување објавено во Annals of Family Medicine покажало дека оние луѓе кои вежбале медитација во текот на осум месеци поретко се разболуваат од оние кои осум месеци вежбале само кардио вежби.
Продолжете го животот
– Дали ќе водиме долг и здрав живот можеби зависи од нашите гени, но научниците сметаат дека одредени тестови за физичка подготвеност можат да ја предвидат нашата долговечност – вели Мајкл Џојнер, стручњак за физиологија на вежбањето на клиниката Мејо.
Почнете со едноставни вежби: легнете на земја, потоа исправете се во седечка положба и обидете се да станете без помош на рацете. Колку бидете подобри во изведување на оваа вежба, толку е поголема веројатноста дека подолго ќе живеете, покажала бразилската студија спроведена над 2.000 испитаници. По се судејќи, клучот е во добрата физичка кондиција, а вежбањето за стекнување на истата не мора да биде комплицирано.
Судијата објавена во Британскиот медицински журнал покажала дека големата сила на мускулите е поврзана со 20 до 35% понизок ризик од прерана смрт при постоење на кардиоваскуларни болести.
Ублажете го стресот
Една неодамнешна студија на универзитетот Принстон покажала дека глувците кои трчале во тркало многу подобро реагираат на стрес, од оние кои најголем дел од животот го минале во мирување. Научниците велат дека тоа е само еден од показателите за тоа колку е важно вежбањето да ни стане навика. Тие предупредуваат дека ефектите од вежбањето на мозокот постепено се градат и траат долго, а доколку уживате во рекреација, можете да имате повеќе полза.


