Енергетските пијалоци станаа секојдневие на младите. Одамна не ги консумираат само на журките, во клубовите и дискотеките, туку и за време на училишните одмори со ужината. За нивната масовна употреба во голема мерка одговорни се и ТВ рекламите. Тинејџерите едноставно го сакаат ,,адреналинскиот набој,, кој го чувствуваат кога ќе се напијат енергетски пијалок.

Се поставува прашањето, во која мерка тие се опасни врз здравјето, посебно ако се земаат секојдневно и во поголема количина. Ако се пијат во умерена количина, без било какви и да е додатоци, тие не мора да остават негативни последици. Проблемот е во тоа што најчесто се комбинираат со алкохол, амфетамини и екстази. Тоа уживање без граници остава несакани, воглавно тешки и сериозни последици. Сепак, младите ги сакаат поради тоа што брзо и ефикасно отстрануваат замор, делуваат стимулативно, го намалуваат стресот и потребата за сон. Ако се земаат долго време, доведуваат до тресења, слабост на мускулите, одземеност, поспаност, вртоглавица, срцебиење, главоболки и гушење. Понекогаш последиците се смртоносни.

Во што е разликата помеѓу енергетските и освежителните напитоци?

Иако се со сличен вкус како обичните освежителни сокови, енергетските содржат три специфични состојки, кои одделно или заедно се присатни во значително поголма количика отколку останатите намирници. Тоа ги прави потенцијално поопасни, а тие состојки се кофеин, таурин и Д-глукуронолактон. Кофеинот може да ја забрза работата на срцето, да ги засили контракциите на срцевиот мускул и крвниот притисок. Врз основа на поголем број студии, ефектите се јавуваат и при консумирање на 6 милиграми кофеин на 1 килограм телесна тежина, што е посебно нагласено за време на вежбање или на друга посилна физичка активност. Кај поголемиот број енергетски пијалоци кофеинот е присутен до 320 милиграми во литар. Возрасен зрав човек кој ќе внесе една до две лименки, според она што го пишува на декларацијата на производот, не се изложува на голем ризик од прекумерно консумирање кофеин, под претпоставка да не го внесувал и на друг начин, односно да не пиел кафе. Во спротивно, кога редовно се внесува повеќе кофеин, во комбинација со алкохол, може да дојде до срцеви аритмии и маскирање на интоксикација со алкохол. Ако покрај ова постои и нагласена физичка активност, што може да биде и танцување во дискотека, а посебно спортски тренинг, се зголемува можноста за настанување на срцеви проблеми, дехидрација и топлотен удар.

 

energetski-pijaloci2

 

Како делува состојката таурин?

Тауринот е присутен во нормални количини во енергетските пијалоци, а дефинитивно последиците се уште не се до крај разјаснети. Оваа супстанција, која е инаку присутна во храната, посебно во морските плодови и месото, дневно се внесуваат од 60 до максимално 400 милиграми, но во енергетските напитоци може да биде застапена до 4.000 милиграми по литар. Тауринот е вклучен во бројни физиолошки процеси во организмот, а влијанието од големите дози внесени преку енергетските пијалоци се уште не е доволно познато. Се претпоставува дека влијае на промената на однесувањето, ја зголемува активноста, предизвикува нарушување на моториката, што е веројатно последица од неговото дејство на нивото на централниот нервен систем. Но, за да се знае прецизен одговор, неопходно е спроведување на невролошки студии кај луѓето.

Никако по тренинг!

На ниво на централниот нервен систем, кофеинот и тауринот имаат спротивно делување. Преку различни рецептори, кофеинот делува стимулативно, а тауринот инхибиторно, односно кочи. Меѓутоа, не е исклучена ниту можноста за стимулативно дејство на двете супстанции. На ниво на кардиоваскулаторниот систем, тауринот можеби ги ублажува ефектите на кофеинот, додека на ниво на бубрезите двете состојки, со различни механизми, доведуваат до засилено лачење на урината и губење на натриумот. Оваа состојба се засилува со консумирање на алкохол. Последиците од тоа се нагло дехидрирање, посебно ако се има интензивна физичка активност проследена со потење. Затоа, енергетските пијалоци не смеат да се користат за рехидратација, односно за надоместување на течностите по интензивно вежбање, затоа што можат да предизвикаат акутна дехидрираност со опасни последици.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина