Проширените вени се доминанта болест на површинскиот венски систем. Под проширени вени се подразбираат дилатирани и проминентни површински вени на долните ескстремитети. Болеста е од лесна природа и е безопасна по животот на болниот. Меѓутоа, таа претставува значаен социјално – медицински проблем во развиените земји во светот поради својата се поголема зачестеност и ограничувањето на работоспособноста на болните од неа.

Како настануваат проширените вени?

Етиологијата на прошиерните вени се уште не е разјаснета. Фактот дека човекот е единственото живо суштество на Земјата кое има исправен од на две нозе и дека единствено тој заболува од проширени вени, укажува на тоа дека неповолните хемодинамични услови во неговите долни екстремитети, во кои крвта се враќа кон срцето наспроти дејството на силите на Земјината тежа, имаат значајна етиопатогенетска улога.

Што се однесува до причината за настанок на проширените вени, доминантни се две теории.

Првата теорија ја смета инсуфициенцијата на валвулите во главните стебла на сафенските вени за главна причина за проширените вени, бидејќи инсуфицијалните валвули овозможуваат регургутација (враќање) на крвта зголемување на венскиот притисок во дисталните сегменти.

Втората теорија смета дека слабоста на венските ѕидови е причината за проширените вени, бидејќи поради слабоста на ѕидовите доаѓа до дилатација на одделни сегменти во вените и исуфициенција на валвулите.

prosireni-veni1

Додека се уште се води полемика кои од овие две причини се последица од конгениталните или стекнатите нарушувања, добро се познати факторите на ризик кои се од големо значење за нивното настанување. Најзначајни се: женскиот пол и бременоста (жените заболуваат 6 пати повеќе од мажите, најчесто се јавуваат по 2 или 3 бременост), професии во кои подолго се стои на нозе и малку се движи (бербери, хирурзи, продавачи), дебелината и т.н.

Секоја петта жена и секој шест маж постари од 18 години имаат проблеми со вените. Видлива последица од тоа се проширените вени: дебели, сини жили кои се наѕираат под кожата на нозете. Намалената физичка активност, бременоста и седењето со скрстени нозе, покрај долгото седење или стоење, дополнително го влошуваат овој проблем. Затоа, почнете на време да се грижите за своето здравје, за да ги спречите поголемите проблеми, па дури и операцијата кога ништо друго не помага.

Големо олеснување за вашите нозе и системот на вени е нормалната тежина, па затоа треба да водите сметка за исхраната. Идеално е да консумирате лесна храна со малку маснотии и многу витамини и влакна. Тоа значи многу свежо овошје и зеленчук, јадење почесто на риба, а одбегнување на колбаси и месни преработки и полномасни сирења. За крвта да може полесно да тече низ вените, пијте минимално по две литри течност на ден. Исто така, одбегнувајте долготрајна изложеност на сонце, топли бањи и сауни.

Ако долго време минувате во седечка положба или сте бремени, на нозете можете да им помогнете со носење компресни еластични чорапи. Одбегнувајте да носите тесна облека, која го оневозможува нормалниот проток на крвта, и носењето високи потпетици. Не ги прекрстувајте нозете додека седите. Одбегнувајте да кревате тешки предмети, кои само дополнително ќе го зголемат притисокот во нозете.

Најлесен начин за да го одбегнете проблемот со проширените вени е одењето или лежењето наместо седењето и стоењето. Вежбањето и гимнастиката ќе им помогнат на нозете за подобра циркулација. Добро изградената мускулатура може да помогне за зацврстување на вените. Препорачливо е интензивно вежбање, како што е возењето велосипед, пливањето или трчањето двапати неделно по половина час.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина