Холотропско дишење – пат до потсвеста
Дишењето, според учењето на старите Грци (покрај движењето и мислењето), претставувало еден од основните принципи на живеењето и опстанокот. Брзиот ритам на современиот живот често не доведува во ситуација да го заборавиме тоа и да заборавиме и да дишеме на вистински начин, без да знаеме дека само со неколку правилни вдишувања и издишувања ќе го намалиме стресот, ќе го смириме умот и воопшто ќе влијаеме на подобрувањето на психофизичкото здравје. Еден од методите со кој се постигнува ова е холотропското дишење, базирано на освестувањето скриено во нас, а најголема примена има најдено во психологијата. Негов автор е психијаторот доктор Станислав Гроф. Гроф е роден во Прага во 1931 година. Како млад психијатар, учествувал во истражувањето на психотерапевтските можности на супстанцијата LSD-25, и од тогаш има повеќе од 50 години истражувачка работа, посветувајќи се целосно на изменетите состојби на свеста и нивните исцелувачки потенцијали.
Со помош на холотропското дишење се пристапува до подлабоките нивои на психата и на нашата вистинска природа. Поголемата свесност радикално го менува погледот на животот и квалитетот на животот, а секому му е желба да живее поздраво и посреќно. Самиот поим “холотропско” буквално значи “движење кон целост“. Доктор Гроф под холотропски состојби ги нарекува проширените состојби на свеста, во кои добиваме искуствени увиди и знаења за себе и светот кој не опкружува, а кои најчесто не ни се достапни во секојдневната свесност.
Долга традиција
Холотропските состојби им биле познати на луѓето илјадници години: племенските доктори – шаманите, користеле разни техники за да се доведат до тие состојби и за припадниците од своето племе да можат да ги лекуваат со “движење кон целоста“. Дека тие методи биле многу успешни во лекувањето на емоционалните состојби и физички болести, можеме да видиме и денес преку трендот на луѓето од Запад, кои одат, на пример, во Амазонија за таму успешно да лекуваат тешки болести, бидејќи западната медицина нема такви можности. Инаку, прецизниот превод на техниката “Holotropic Breathwork” би гласел “холоропско работење со здив,, бидејќи за доаѓање во длабоки исцелувачки холотропски состојби се употребува исклучиво изменет ритам на дишење, поддржан со одредена музика и со техники на телесно делување од страна на образовани за тоа терапевти. Овој метод предизвикува длабоки и силни холотропски состојби и за кратко време води до драстични трансформации.
Како се изведува холотропското дишење?
Пациентот лежи на душек со затворени очи и по неколку минути почнува да се слуша музика. Тој почнува да дише малку позабрзано и подлабоко од обично. Во еден миг почнува да се менува состојбата на свеста и пациентот доживува различни искуства и емоции. Иако се чини многу едноставно, постои цела низа детали кои треба да се обезбедат за да се создаде сигурно опкружување за да може пациентот да се нурне во длабочината на психата. Притоа важно е тој да може сигурно и без задршка да изрази било какво чувство или физичка реакција (смеење, тага, агресија, повраќање, лутина, плукање). Кај некои почнуваат да се придвижуваат и енергиите во телото, се јавуваат притисоци или болки во одделни делови од телото, па терапевтите пристапуваат кон техниката на неинванзивна телесна работа, со цел да им помогнат низ процесот на опуштање. Сесијата трае околу три часа, а потоа пациентот се праќа на експресивно цртање, по што следува интеграција преку разговор за доживеаните искуства. Бројот на терапии е индивидуален. Некој ги решава проблемите со еден или два третмани, додека кај некои потребен е континуиран пристап.
При третманот, поради длабокото и брзо дишење, доаѓа до размена на кислородот и јалерод двооксидот, а тоа ја менува pH вредноста во крвта. Церебралниот кортекс, дел од мозокот одговорен за нашето свесно размислување и волни акции, е почувствително на влијанијата од старите делови од мозокот, па така намаленото ниво на кислород ги прекинува неговите функции, истовремено интензивирајќи ја активноста на старите делови од мозокот, па поради тоа несвесните (потсвесни) содржини стануваат достапни.
Кај кои состојби помага холотропското дишење?
Најмногу успех холотропското дишење постигнува кај емоционалните и психосоматските нарушувања, како што се тешки облици на депресија, фобии, ослободување ирационални чувства, мигрени или при психогенска астма. Многу е ефикасно и кај зголемување на самодовербата и самопочитувањето, но и креативноста. Значителен напредок или целосно излекување е забележано и кај болни од бронхитис, циститис или артритис.


