Во топ форма после бременоста
Постпородилниот период е еден од најстресните во животот на поголемиот дел од жените, делумно и заради тоа што им е тешко да се “вратат” во формата пред бременоста. За тоа да не ви се случи и вам, секогаш треба да одвоите барем малку време за себе. Посветете им се на вашето тело и душа како целина, бидејќи тогаш ќе им станете поинтересни и на сите околу вас.
Иако со раѓањето на бебето се менува и вашиот живот, тоа не значи дека треба да останете затворени дома. Доколку добро се организирате, можете да издвоите 45 минути до еден час дневно за себе. Одењето на вежбање е само еден од начините да станете посреќни и поисполнети, бидејќи со работењето на себеси ќе се почувствувате посигурно и поубаво.
Пред самиот почеток на вежбањето, важно е да се консултирате со вашиот лекар!
Добро распрашајте се за клубот, како и за инструкторот со кого планирате да вежбате. Водете сметка да е елоквентен и да има искуство во работа со бремени жени и семејства. Бидејќи, работата со спортисти и бремени жени не е иста!
Бидете подготвени на тоа дека најверојатно ќе ви биде потребно малку повеќе време да се вратите во “топ формата”, која ја имавте пред бременоста, особено доколку имавте царски рез. Но, наоружајте се со трпение. Вежбите со кои се зајакнуваат карличните мускули и стомакот се секако добредојдени, особено кај жените кои имале епизотомија, или ако имало руптура на меките ткива.
Со растењето на вашиот стомак дошло до “одвојување”, односно проширување на стомачните мускули, па со самото тоа мора да се провери каква е нивната состојба после раѓањето. Ова е неопходно со цел точно да се дозираат, односно изберат вежбите за зајакнување на стомачниот ѕид. Во секој случај, може да “работите” на длабоките мускули – доколку знаете како, кратко време по напуштање на болницата. Се разбира, исклучиво во консултација со вашиот лекар. Не започнувајте со “класичните” стомачни вежби, бидејќи од нив можете да имате повеќе штета отколку корист во овој период!
Вежбите, инаку, можете да ги изведувате лежејќи на грб, седејќи, стоејќи – клечејќи, или на колена. Важно е грбот да остане исправен (без поместување), а дишењето правилно.
Во првите три месеци од раѓањето, треба да се води сметка за лигаментите и зглобовите, па затоа е добро да се избегнуваат високо-интензивните програми, кои вклучуваат изведување на вежби со промена на насоките на движењета.
За новите мајки што побрзо да и се вратат на својата форма од пред породувањето, се препорачуваат: брзо одење, пливање, вежби во вода, пилатес, јога, нискоинтензивни аеробни програми, среден интензитет на тренинг програми, возење велосипед.
За време на вежбањето слушајте го вашето тело, бидејќи тоа ќе ви испрати сигнали за тоа што е за него оптимално.
Забавете и намалете го интензитетот на вежбање доколку почувствувате исцрпеност, грчеви и болки во мускулите, или доколку забележите промена на бојата на вагиналниот секрет. Во сите овие ситуации потребно е да се консултирате со вашиот гинеколог. Доколку ја вратите насмевката на вашето лице, ќе има многу повеќе насмевки и во вашата околина.


