Пилулата за абоpтус стига и кај нас
Таблетите за прекин на бременоста, кои со децении се користат во развиените земји, кон крајот на оваа и почетокот на следната година ќе бидат достапни и во нашите клиники. Колоквијално наречена ,,пилула за абортус,, таа преставува два медикаменти – едниот е антипрогестерон, мифепристон, а другиот е простагландин, мисопростол, а нивната комбинација го прекинува развојот на бременоста и доведува до исфрлање на овуларното ткиво од матката. Ваквиот вид на абортус се врши само во првите девет недели од бременоста. Пилулата се користи исклучиво под надзор на доктор, во болница. Освен што не смее да се користи за прекина на бременост подолга од девет недели, таа не е безбедна за жените кои имаат вродени нарушувања на метаболизмот или некои хронични заболувања. Што значи, соодветна е само за оние жени кои во првите девет недели од бременоста немаа медицински контраиндикации. Искуствата од Шведска, Франција и Португалија, каде ваквиот вид на абортус се применува веќе со децении, покажуваат дека жените повеќе се решаваат за прекин на бременоста со оваа пилула, а не со киретажа. Многу е важно да се напомене дека тие кои ќе се решат на овој вид на абортус, имаат контрола над целата постапка на намерното прекинување на бременоста, што е исклучително важно. Но, мора да се знае и дека користењето на пилулата има и свои негативни страни и одредени ризици. За време на примената на втората компонента од медикаментниот абортус можни се болки, а крварењето е често пообилно и подолго трае, некогаш и со недели, што не е случај со хируршкиот прекин на бременоста. Ваквиот вид на абортус може да биде проследен и со рапидна инфекција со можни смртни исходи. Ова се случува многу ретко, но поради можните ризици многу е важно жената да се подготви за интервенција на соодветен начин и во првите недели по абортусот да биде под докторски назор.
Ваквата пилула во никој случај не е замена за контрацепција, па жените ризикот од несакана бременост треба да го намалат со користење на некој поефикасен метод на контрацепција. Сепак, ако дојде до несакана бременост, жената треба заедно со својот партнер и со докторот да ги разгледа можните опции. Речиси половина од непланираните бремености не спаѓаат во несакани бремености, па во таквите случаи раѓањето на детето е најдоброто решение. Ако жената се одлучи за прекин на бременоста, треба да знае дека и хируршкиот и медикаментниот аборус се подеднакво ефикасни и во најголем број случаи безбедни, но не без ризик.
Хируршкиот абортус е краткотраен зафат, носи ризици од повреда на репродуктивниот систем, крварења и инфекции, додека медикаментниот е помалу инванзивен, подолго трае, проследен е со болки и подолго крварење. Девоките и жените веднаш по абортусот треба да почнат да користат ефикасна контрацепција, како што се контрацептивни пилули или интраутерусни влошки, бидејќи повторна бременост може да настане веќе во првиот месец по абортусот.
Што е потребно да се знае за пилулата за абортус?
* Несаканата бременост со оваа пилула ќе можат да ја прекинат и девојки со наполнети 16 години. Според Законот за абортус, личноста стара 16 и повеќе години може самостојно да одлучува за исходот на својата бременост до навршена 10 гестациска недела.
* Абортусот со пилула изгледа вака: во болница се пие една таблета, а по 24-48 часа се дава вагинално уште една. Пациентката останува во болница во следните четири-пет часа и во тој период се завршува најголем број од абортусите. Меѓутоа, ако не дојде до тоа, повторно и се дава од лекот и се чека спонтано исфрлање на плодот. Понекогаш неизбежно е да се заврши абортусот по хируршки пат.
* Овој вид на абортус отсега ќе може да се изведува само во здравствените установи кои се регистрирани за вршење прекина на бременост.



