Судеков синдром
И покрај постојаното напредување на медицината, ретките болести како што се Судековиот синдром се се уште непознати, дури и за искусните доктори кога ќе се сретнат со нив за првпат. Се појавува после повреди на нервите, мозочен удар, инфаркт, болести на белите дробови, дисторзија, шинување… Симптомите се оток кој не спаѓа, постојана болка, црвенило и ограничени движења. За какво нарушување се работи погледнете во продолжение.
Оваа болест најчесто ги напаѓа шаките и стапалата, а поретко рацете или потколениците. Кај 2% до 5% од случаите се јавува како последица на повреда на нервите, додека кај 13%, па дури и 70%, последица е мозочен удар. Најчесто се манифестира кај оние на возраст помеѓу 40 и 60 години, меѓу кои дури 70% од случаите се жени пушачи. Може да се јави и кај деца. Во некои случаи настанува после дисторзија, шинување, а често поради скршеници, кога пациентите подолго време носат имобилизација. Се појавува и кај болести на белите дробови, жолчните канали, после инфаркт и операција на срцето, воспалителни ревматски болести и инфекции на меките ткива. Болеста често се појавува и како последица од непозната причина. Сепак, во секој од наведените случаи доаѓа на некој начин до иритација на невровегетативниот рефлекс, кој доведува до васкуларно нарушување кое е предуслов за појавата на Судековиот синдром.
Постојат три стадиуми на заболувањето. Во првиот се јавува константна болка, проследена со засилена чувствителност на зафатениот дел од шаката или стапалото. Присутен е и оток на мекото ткиво, кожата е позатегната, посјајна, топла, понекогаш и влажна. Овие симптоми траат еден до три месеци, а ако пациентот не преземе ништо болеста преоѓа во вториот стадиум. Во овој стадиум болката за нијанса ослабнува, но слабеат и мускулите, подобро кажано доаѓа до атрофија. Движењата стануваат поограничени, кожата станува побледа, потенка, постудена и помалку чувствителна. Слично се случува и во третиот стадиум од болеста, кој настапува по шест месеци. Кожата тогаш станува студена и синкава, мускулите атрофираат и има ограничено движење во зглобовите.
Интересно за Сидековиот синдром е што лабораториските анализи покажуваат дека сите вредности се во границите на нормала. Болеста се воочува на рентгенските снимки, во зависност од степенот на промените. Во првиот стадиум од болеста треба да се направи електромиографија, односно снимање на проводливоста на нервите. Како критериум се земаат и карактеристиките на кожата, присутната болка и чувствителноста на допир, посебно ако претходно имало скршеница, исчашување или долго носење на гипс. Се набљудува и отокот и промените во циркулацијата, било да е ослабната ии засилена. При поставување дијагноза мора да се исклучат други причини, како што се постоење на тумор, оштетување на нервите, артритис и склеродерма, бидејќи тие доведуваат до Судековата болест.
Додека се уште не напреднала болеста, важна улога има примарната превенција. Ова посебно се однесува на пушачите, како посебна загрозена ризична група, бидејќи за појава на болеста делуваат многу од супстанциите кои ги има во чадот од цигарите, кој пред се доведува до нарушување на циркулацијата. Се применува и медикаментозна терапија, првенствено нестероидни антиревматици, кои делумнао и на кратко ја намалуваат болката, а понекогаш и опијати. Се даваат и симпатолитици, препарати кои го намалуваат нервното наздразнување, и други аналгетици.


