Почувствувајте го адреналинот на снег – пробајте сноуборд!
Еден од начините на кои сигурно одлично ќе се забавувате, ќе го почувствувате адреналинот, но и ќе ги искористите мускулите кои не сте ни знаеле дека ги имате, е секако сноубордот или бордањето. Обединувајќи ги во себе грациозноста на сурфањето, техниката на скоковите и движењата на скејтбордот, сноубордингот е трка која едноставно морате да ја доживеете. Затоа, не е ни чудо што во последните десетина години, го зазема водечкото место помеѓу најатрактивните и најпопуларните спортови. Ако до сега не сте имале прилика да се пробате во зимските спортови, сноубордот може во почетокот да ви изгледа малку застрашувачки, но всушност не е.
Сноубордот почнал да се развива во првата половина на 20-иот век, а својата популарност ја стекнува во седумдесеттите и осумдесеттите години. Денес, сноубордот е натпреварувачки, олимписки спорт во кој со голема брзина и прецизност се изведуваат акробатски елементи и скокови и се совладува теренот.
Се работи за спорт кој се потпира воглавно на анаеробни извори на енергија, а во помал дел на аеробни извори. Освен функционални способности, потребна е и голема количина на моторички способности- сила, координација, рамнотежа, флексибилност и агилност. Кај сноубордот, како и кај скијањето, се појавуваат специфични оптеретувања, кои по својата комплексност, многу се разликуваат од останатите спортови.
Сноубордингот, освен од спуштања на падини, се состои и од ротации,нагорнини, одење, паѓање и дигање во текот на кои се активираат различни мускулни групи. Сепак, најголеми ностители на оптеретувањето во сноубордот се долните екстремитети и `рбетот. Затоа, неопходно е добро да ги подготвите мускулно-зглобните системи за напорите кои ги очекуваат.
Со адекватна подготовка, ќе ја намалите можноста од настанување на повреди, ќе ги спречите воспаленијата на мускулите и ќе го адаптирате организмот на таа надморска височина и целодневните напори. За да го постигнете ова, најдобро е подготовките за сноуборд сезоната да траат низ целата година, а не само две недели порано. Ако не сте во можност цела година да работите на својата кондиција, тогаш потребно е најмалку 2-3 месеци пред планираното одење на планина. Колку повеќе се приближува сезоната, потребно е во вашиот тренинг да вметнете што повеќе специфични вежби карактеристични за зимските спортови.
Како да вежбате за да можете да бордате?
Пред се е потребно да поработите на вашата издржливост со цел што подобро да го поднесете целодневниот замор на снегот и честите разлики во висината во многу краток период. Аеробниот тренинг ќе ви го овозможи основното ниво на мускулна издржливост, така да не почувствувате замор во мускулите ни дури и по 10-20 минути спуштање надолу по падината. Еднаш кога мускулите ќе се уморат, што особено важи за мускулите на нозете, концентрацијата ви се намалува, а се зголемува веројатноста од појава на повреди. Подобра издржливост ќе постигнете со која било аеробна вежба, како што се на пример трчањето со промена на темпото, возењето велосипед, аеробик или ролери. Без разлика за каков вид на активност се работи, пожелно е таа да трае подолго од 30 минути. Ако не сте доволно подготвени да трчате 30 минути без пауза, се препорачува тренинг во интервали, во кој се менуваат трчањето и одењето, во зависност од спосбностите на рекреативците.
За постигнување на солидна издржливост се препорачуваат аеробни тренинзи од 2-3 пати неделно, во период од минумум 6 недели. Со текот на времето, ќе почнете да ја зголемувате должината на вежбање, како и темпото, а да го намалувате времето на одмор. Пожелно е да го комбинирате тренингот за сила со аеробниот тренинг. Тоа најлесно ќе го сторите доколку во трчањето вметнете кратки спринтови, чучњеви или исчекори. Секако, неизоставно е, пред и после секој тренинг добро да се истегнете. Важноста на истегнувањето се гледа во зголемувањето на еластичноста и амплитудата на движењата, подобрувањето на мускулно-зглобната координација, намалувањето на уморот на мускулите а со самото тоа, и минимализирањето на повредите на лигаментите и зглобовите.
Друга важна компонента за кондициската подготовка на бордерите е тренингот за сила, а особено силата на долните екстремитети. Во сноубордот има промена на насоките, кочење, брзи спустови низ падината, зашто е потребна многу сила, особено во мускулите на надколениците. Што е поголемо нашето „бордерско ниво”, толку е потребен и поголем тонус на мускулите. За квалитетен тренинг, не ви се потребни никакви реквизити, ниту справи. Најдобри резултати ќе постигнете вежбајќи со сопствената тежина. Важно е единствено вашиот избор на вежби да биде разновиден. Од многуте вежби најефикасни ќе бидат сите облици на скокови- на една нога, на двете нозе, на баланс плочата, исчекор напред и во страна, подигнување на прстите за листовите, истовремено подигнување на прстите и спуштање во чучњеви и слично….
Секако, тука тренингот не е завршен. И горниот дел на телото, исто така, треба адекватно да го подготвиме за напорите кои не очекуваат. Toa најдобро ќе го постигнеме со сите вежби за зајакнување на трупот (сите варијанти на стомачни вежби и вежби за грбот), како и со различни варијанти на подигнување на нозете. Рацете и рамената ќе ги зајакнеме со помош на различни предни и задни вежби со отпор или пак вежби со тегови.
Во програмата за тренинг на сноубордерите многу е важно да го вклучите и тренингот за рамнотежа. Рамнотежата е моторичка способност по која веројатно најмногу ќе се разликуваат луѓето кои бргу ќе научат да бордаат и оние на кои тоа ќе им оди малку побавно. Таа ни овозможува завземање и задржување на стабилна позиција на сноубордот или враќање во стабилна позиција после нарушување на балансот. Рамнотежата најдобро ќе ја постигнеме со различни вежби на топката за баланс, перничињата за баланс, баланс плочките и слично.
Понатаму, флексибилноста и координациските способности се две многу важни компоненти за секој кој се занимава со зимски спортови. Колку стазата за сноуборд е пострмна, колку теренот е поразноличен, толку повеќе на бордерот му е потешко правилно да ги искоординира движењата на телото.
Затоа, во непосредните подготовки за скијање нужно е да се вметнат и вежби за целото тело, како и вежби за координација. Овие вежби се особено значајни кога е во прашање ритамот, ориентацијата, чувството за рамнотежа и способноста за реакција.
За остварување на наведените цели денес најмногу се користи проприоцепцискиот тренинг (вежби за развивање чувство за позиции на зглобовите), кој истовремено е и најефективен. Со него се развива и синхронизира целокупната нервно-мускулна зглобна работа на колената, но и на целото тело. Исто така, се развиваат и фини координирани движења со кои се постигнува максимална стабилност на зглобовите со најмало трошење на енергија.
Затоа, ако не сакате зимата да ја поминете дома под прекривачот и да јадете прекумерно, соберете го друштвото, земете сноуборд и упатете се кон најблиската стаза. Добриот помин е загарантиран.




