rolerki_naslovna

Возењето ролерки го вклучува целото тело, а силата која ги оптоварува зглобовите е практично занемарлива. Ако имате од 7 до 77 години, авантуристички дух, многу енергија и сте љубител на природата, сега е вистинското време да набавите ролерки и да започнете возење со нив на кеј или на велосипедските патеки. Управувањето со овие обувки на тркала е вистинска уметност која искусните ја споредуваат со танцот. Освен самото уживање во овој тип на активност, експертите го препорачуваат бидејќи многу поволно дејствува врз кардиоваскуларниот систем, а брзото и енергично возење бара ангажирање на сите мускулни групи. Без оптоварување на тетивите и колената, се зајакнува целокупната мускулатура, особено нозете, рацете, внатрешната страна на бутовите, задните мускули …

Возењето ролери го ангажира целото тело, а силата која ги оптоварува зглобовите практично е занемарлива – велат нутриционистите. Тие препорачуваат дека најдобро е ролерките да се воза така да се ангажира 50-60 проценти од максималната срцева фрекфенција. Оптималниот интензитет на возењето ролерки зависи од многу фактори – положбата на телото за време на возењето, замор во нозете, болки во бедрата или вратот, карактеристиките на самите ролерки, теренот за возење, видот на возење…

Ролерките го подобруваат физичкото и менталното здравје, а позитивно влијаат и врз психофизичките способности. Се зголемува потрошувачката на енергија, па така дури и со умерено возење се намалуваат килограмите и се топи масното ткиво. За 60 минути возење се трошат и до 400 калории, се зајакнува сврзното ткиво и се разградува целулитот. Возењето ролерки добро дејствува и врз правилното дишење, а влијаат и на развојот на чувство за рамнотежа. Експертите препорачуваат да не се јаде најмалку 2-3 часа пред почетокот на активностите со ролерки.

Исто така стручњаците препорачуваат додека возите, да пиете многу течности, околу 750 ml и повеќе, особено доколку се вози на сончево и топло време. Ако забележите дека срцето забрзано ви чука, останувате без здив, имате чувство на гадење и вртоглавица, прекинете ја активноста и побарајте лекарска помош.

Ако сте почетник, започнете со бавно темпо, три пати неделно по 30 минути. За подобрување на физичката кондиција, возете 3-5 пати неделно, со брзо темпо, околу 45 минути. Оние кои се вешти во возење ролерки можат да вежбаат секој ден. Препорачливо е на почетокот да се возат побрзо, т.н.. спринт на рамна површина, а потоа да се спуштаат надолу. Ако овој тренингот трае 30 минути, возењето ролерки ќе придонесе на едноставен и интересен начин да ги оформите вашите нозе и задникот.

Експертите предупредуваат дека многу е важен и изборот на ролерки, а најфункционални се оние со четири тркалца.Дијаметарот на тркалцата влијае на стабилноста на возењето. Најудобни се оние со поголем дијаметар ( 76-80 мм) , додека оние со помал (околу 72 мм) покажуваат подобри маневарски карактеристики за брзо возење. Ролерките со потешки тркалца се трошат побавно, но во помала мера ги амортизираат ударите. На оние со вишок килограми им се препорачуваат ролерките со потешки тркалца.

Додека возите ролерки носете удобна и лесна облека. За да се заштитите себеси од повреди , задолжително ставете кацига, штитници за колената, лактите и зглобовите.