Поради силниот, а пријатен мирис и лутеникав вкус со примеси на горчливост, зачинот естрагон (лат. Artemisia dracunculus) е кај многу Европејци незаобиколен во кујната. Се користи свеж и сушен во салати, јадења со пилешко и мисиркино месо, пикатни сосови, супи и варива, дивеч, овчјо и говедско месо. Се става во туршија, а посебна арома им дава на сенфот и на оцетот. Вкусот на естрагонот најдобро се чува кога цели свежи листови естрагон ќе се замрзнат во херметички затворена кеса. Се одмрзнуваат само по потреба, а оставени несмрзнати можат да се користат до пет месеци.

 

Естрагонот потекнува од Русија, Монголија и западна Азија, од каде се преселил во градините низ Европа, каде е сончево и топло. Инаку, топлината го засилува вкусот на свежиот и сув естрагон. Тој е посебно ценет во Франција, каде најмногу и се одгледува. Денес, се познати два вид естроген – француски и руски.

 

Естрагенот е грмушка со раскошна круна, расте до 1,2 метри и има долги листови. Во средниот век го користеле како протиотров при каснувања од змии, а во арапските земји за лекување анемија, за поттикнување на варењето и за освежување на здивот. Поради исклучителната лековитост го нарекуваат уште и ,,змиска трева,,, што се гледа и според неговото латинско име dracunculus, што во превод значи “мал змеј”.

 

Естрагонот е цел лековит и е исклучително ароматичен. Богат е со етерично масло, а во поголеми количини има и горки материи, танин и недоволно истражени киселини. Поседува кумарин, кој делува ефикасно на желудникот, и еугенол, кој ги смирува болките. Изобилува со железо, калциум, манган, калиум, бакар, цинк и фосфор, а од витамините најмногу ги содржи А и Ц.

 

Денес народната медицина го применува најчесто во вид на чај, кој е најефикасен во регулирање на метаболизмот. Исто така, ги ублажува стомачните тегоби, го подобрува апетитот и излачувањето на течностите од организмот.

 

Со маслото од естрагон треба да се има голема внимателност. Тоа делува позитивно кај реума, го јакне имунитетот, ја поттикнува циркулацијата и ги олеснува менструалните тегоби, ја стимулира работата на мозокот и е најважна состојка кај народните лекови против забоболка.

 

 

Чај против депресија

 

Чајот од естроген е исклучително ефикасен во чистењето на организмот од насобраните токсини, но и од црните мисли. Се подготвува така што со 2,5 дл. врела вода се прелева една лажица свежи или суви листови естрагон и се остава да отстои 10 минути. Потоа чајот се процедува и се пие, најдобро наутро на празен стомак. Помешан со една лажица морач и подготвен на истиот начин е ефикасен лек против депресија.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина