Во последно време за зелениот чај многу се зборува и пишува, а особено за неговите ефекти при слабеењето и детоксикацијата на организмот. Меѓутоа, ублажувањето на ефектите од пушењето е причина плус за и вие да станете едни од оние кои го обожуваат и консумираат овој божествен пијалок.

Иако е добро познато дека пушењето е причинител на срцевите заболувања и рак на белите дробови, зачестеноста на овие болести и понатаму е ниска во азиските земји . И во овие земји пушењето е вообичаено, а истражувањата покажуваат дека постојат се поголем број докази дека најголема улога во тоа има токму зелениот чај.

Истражувачите од американскиот универзитет Јејл заклучиле дека зелниот чај го подобрува здравјето на срцето и го намалува ризикот од рак на белите дробови.

Тие, меѓутоа не сугерираат дека пушачите треба да ја игнорираат опасноста од пушењето и едноставно да пијат зелен чај за да бидат здрави. Тие само укажуваат дека во зелениот чај се содржат високи нивоа на антиоксиданси, наречени катехини, што пружаат низа здравствени придобивки.Антиоксидансите се познати по тоа дека ги сузбиваат молекулите познати како слободни радикали,кои, ако ги има во преголеми количини, можат да го оштетат организмот и потенцијално да доведат до многу болести.

Слободните радикали се природни нуспродукти на нормалните процеси во телото, но исто така се и резултат од надворешни извори, како што е на пример пушењето, потсетува агенцијата Ројтерс.

Во Јапонија, Кина и другите азиски земји е вообичаено да се пие зелен чај кој е помалку преработен и содржи повеќе катехини од црниот чај, кој обично се консумира на западот. Можно е оваа навика да се објасни со таканаречениот “Азиски парадокс ˮ, укажуваат истражувачите од Универзитетот Јејл.

Овој парадокс излезе на виделина кога се прегледуваа статистичките податоци на здравјето. На пример, од 100.000 мажи во САД речиси 348 умираат секоја година од корнонарни болести . Кога се работи за мажите од Јапонија, нивната бројка е 186, иако во таа земја зачестеноста на пушењето е поголема. Коронарните- срцеви болести се развиваат кога артериите ќе почнат отежнато да го хранат срцето преку крвта и кога се создаваат наслаги од холестерол на зидовите на крвните садови.

Лаботориските истражувања покажале дека катехините од зелениот чај, особено еден од нив наречен EGCG, можат да помогнат да се спречи развојот на коронарно-срцевите заболувања преку влијанието на лошиот LDL холестерол.

Антиоксидантите исто така придонесуваат до непречено функционирање на зидовите на артериите и можат да спречат групирање на крвните клетки и создавање на крвни згрутчувања . EGCG и другите антиоксиданти од зелениот чај исто така можат да го спречат создавањето на тумори или нивниот раст, што според мислењето на истражувачите, можат да објаснат зошто во Јужна Кореја степенот на смртност од рак на белите дробови е неочекувано низок .

Смртноста од рак на бели дробови кај мажите во Кореја е многу помала – 40 смртни случаи од 100.000, во споредба со 67 смртни случаи на 100.000 мажи во САД.

Кога се во прашање жените, разликата е уште поочигледна – 13 смртни случаи на 100.000 во Јужна Кореја, наспроти 45 во САД. Разликата е уште поголема особено ако се има предвид дека 37 % од возрасното население во Кореа се пушачи, наспроти 27% од населението во Америка.