Од антички времиња па се до денес, луѓето се интересираат за намирниците кои го зголемуваат либидото и се нарекуваат афродизијаци според Афродита – грчката божица на убавината и љубовта.

Познато е дека здравјето на организмот е тесно поврзано со сексуалната желба и моќ, па затоа, здравите намирници на кои им се препишува дека имаат и својства на афродизијаци се идеален избор во овие зимски денови, кога на многумина им е потребен и дополнителен стимуланс на сексуалната желба.

Темно чоколадо

Коцка темно чоколадо содржи иста количина на антиоксиданси како и една чаша црвено вино. Темното чоколадо е исклучително богато со фосфор и магнезиум, а содржи и поголеми количини на железо, цинк и калиум, фолна киселина, бета каротин, лецитин, како и Б витамини.

Што е најважно, темното чоколадо содржи фенилетиламин и серотонин, стимуланси кои позитивно дејствуваат на центарот за задоволство во мозокот, а со тоа се подобрува и расположението и се стимулира сексуалната желба. Пожелно е да се избере чоколадо со најмалку 70 проценти какао, но бидете внимателни во однос на количината која ќе ја внесете, бидејќи просечно во 100 грама црно чоколадо се содржат 560 kcal.

Мед

Медот е природен лек кој го зајакнува имунитетот и ги ублажува симптомите на грип и настинка, а со неговата секојдневна консумација, се зголемува нивото на заштитни антиоксидансни состојки во крвта.

Уште во античка Грција за време на Олимпијадата, спортистите јаделе мед и суви смокви за да постигнат што подобри резултати, па затоа медот особено им се препорачува на спортистите.

Медот задолжително вклучете го во вашето мени, бидејќи освен другите позитивни ефекти кои ги има врз здравјето, медот исто така, го зголемува нивото на половите хормони и обезбедува поголема количина на енергија, а ослободува и од чувството на замор и исцрпеност.

Семки и јаткасти плодови

Оревите се богати со омега-3 масни киселини, кои се одговорни за производството на хормони кои се важни во сексуалниот однос, особено за врвот на односот. Либидото го зајакнуваат и семките од тиква и лен, кои се исто така богати извори на омега-3 киселини.

Воопшто, храната богата со аргинин, аминокиселина која е во голема мера  застапена во семките од тиква и семките од сусам, како и во бадемите, игра важна улога во синтезата на азотен оксид, кој е одговорен за проширувањето на крвните садови и постигнувањето на ерекција. Адекватно внесување на аргинин е важно за бројот на сперматозоиди и нивната подвижност.

afrodizijak_1

Зачини

Зачините како што се шафран, ванила, чили и цимет се сметаат за афродизијаци уште од антички времиња, затоа што изобилуваат со етерични масла кои опуштаат, ја стимулираат циркулацијата на крвта и ја поттикнуваат сексуалната желба, предизвикуваат наплив на топлина, како и побрзо чукање на срцето и потење.

Шафранот претставува традиционален зачин на индиската, шпанската и италијанската кујна, а се добива од цветот на растението. Моќта која ја има при поттикнувањето на сексуалната желба е одамна позната, а легендата вели дека токму овој зачин го користела и Клеопатра во своите купки за да го унапреди уживањето во креветот.

Состојката која ја има во чили пиперките – капсаицинот, ја забрзува циркулацијата на крвта и ја зголемува чувствителноста на нервни завршетоци, што обезбедува подобра циркулација на крвта низ органите и зголемување на чувството на допир, а со тоа и полесно постигнување на оргазмот.

За ванилата е познато дека има афродизијачки својства уште од времето на Ацтеките. Билката ванила се користела во минатото како природна вијагра и лек за импотенција, па со нејзино консумирање се влијае на зголемувањето на сексуалната желба и зајакнување на сексуалната возбуда …. Исто така, се сметало дека ванилата е добра во намалување на треската, а се употребувала и како лековито средство за различни болести и како средство за смирување.

Истражувањата покажале дека мирисот на цимет е арома која најпрво ќе го возбуди секој маж. Циметот ја стимулира работата на мозокот, ја подобрува концентрацијата, работната меморија, меморијата на препознавање и визуелните доживувања. За циметот да дејствува, сепак, е потребна одредена количина, па затоа зачинете со цимет некое јадење, колач или овошје и почекајте да дејствува.

Остриги

Остригите се веројатно најпознатите помеѓу сите афродизијаци. Тие се богати со цинк, минералот кој го зголемува лачењето на машкиот полов хормон – тестостерон, па со нивна консумација се подобрува исхраната и здравствената состојба, а со тоа и сексуалниот нагон. Осригите се јадат сурови, тукушто извадени од морето, само со неколку капки лимонов сок. Доколку се варат, нивната хранлива вредност е значително намалена.

Смокви

Смоквите се медитеранско овошје со овален или крушковиден облик, а можат да се јадат свежи и сушени. Сумераните во 2900 година п.н.е. ги користиле за медицински цели, па смоквите биле омилено овошје на спортистите на Олимпијадата, бидејќи ги делеле како медали.

 Смоквите се многу богати со аминокиселини, кои ја зголемуваат возбудата и обезбедуваат доволно енергија за издржливост во сексот.

Смоквите воедно се и подобар извор на влакна од повеќето овошја, па затоа се сметаат за намирници кои помагаат во спречување на болестите на денешницата.

Женшен

Оваа лековита билка која неодоливо потсетува на човечкото тело, се почесто се поврзува со сексуалната моќ. Коренот од женшен веќе со векови се користи како стимуланс и еликсир во земјите како што се Кина, Кореја, Тибет, Индија и Индокина, а одамна е прогласен за природен афродизијак. Освен во капсули и чај, женшенот може да се земе и како вино.

Аспарагус

Аспарагусот е природен афродизијак поради тоа што содржи витамин Е, кој му помага на телото во создавањето на машките и женските полови хормони кои ја стимулираат работата на репродуктивните органи.

Аспарагусот е одличен извор на фолна киселина и Б витамини, есенцијални за правилна делба на клетките и синтезата на ДНК. Покрај тоа, аспарагусот е идеална намирница за одржување на витката линија, бидејќи во 100 грама аспарагус се содржат само 20 калории.

Јагоди

Јагодите се богати со цинк, кој е составен дел на машкиот полов хормон – тестостерон, па ќе ви помогне во будењето на сексуалната желба.

Јагодата е исто така позната како една од најмалку калоричните овошки, бидејќи содржи 90% вода, а само 10% шеќер, целулоза и некои масти. Таа, исто така, содржи и калиум кој добро влијае на нервниот систем, калциум и фосфор кои се добри за коските, магнезиум, кој помага во борбата против стресот, како и железо кое им дава енергија на мускулите.