Уринарна ретенција е задржување на урината, односно неможност за целосно празнење на мочниот меур. Заостанувањето на урината најчесто се случува по мокрење, но постои можност и за акутна ретенција, кога мокрењето е целосно оневозможено.

 

Причини за ретенција

 

Причините за задржување на урината во мокрачниот меур се различни, но вообичаени проблеми се оние со мускулите на мочниот меур, бенигното проширување на простатата, рак на простатата, стеснување на мокрачниот одвод поради инфекции или после операција и блокада на мокрачниот систем поради постоење каменчиња. Како една од причините за ретенција е исто така и неспособноста на мочниот меур да ја истисне урината, било невролошки или како последица од декомпензација на мускулите на мочниот меур.

 

Видови ретенции

 

Уринарната ретенција може да биде акутна или хронична. Акутна е онаа која се случува ненадејно и во целост е оневозможено мокрењето. Во таквиот мочен меур може да има и по 1000 до 2000 мл. урина. Хронична е секое заостанување на урина по мокрење која се појавува подолг временски период. Пред се, се мисли на заостаната урина од 200 мл. При акутно задржување на урината доаѓа до ненадејна силна болка во мочниот меур која се зголемува и до невозможност за мокрење.  Симптомите на хроничната ретенција се поврзани со симптомите на долните мокрачни патишта, во смисла на отежнато или зачестено мокрење, понекогаш ,,бегање,, на урината и зачестени воспаленија. Хроничната ретенција болните не ја чувствуваат се додека не се развие инфекција на мокрачните патишта или уринарна инконтиненција.

 

Постарите мажи со зголемена простата се најзагрозената група, иако невролошките причини се честа причина за ретенција и кај мажите и кај жените.

 

 

Лекување на ретенција

 

Задржувањето на урината се дијагностицира со мерење на заостанатата урина со ултразвук, во некои случаи и со тестови за мерење на способноста на меурот, а лекувањето честопати бара сериозни постапки.

 

Најчесто меурот се празни еднократно или се поставува постојан уринарен катетер. Кај хроничните ретенции со поголеми заостанувања се лекува основната причина за болеста.

Тагови: урина
Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина