Кивито го јакне организмот, ги регулира крвниот притисок и варењето, помага во лекување на респираторните болсети, главоболки и стрес. Многу е вкусно и здраво овошје, вистинска ризница на витамини, посебно на витамините Ц, А, Е, А и Б – комплекс (тиамин, ниацин, Б6, колин), како и на минерали – калиум, калциум, фосфор, магнезиум и железо.

Благодарение на сите овие наведени благодети, кивито е најефикасно во борбата против респираторните инфекции. Истовремено, штити од настинки и го регулира крвниот притисок, го намалува холестеролот и ги неутрализира слободните радикали, отстранувајќи ги токсините од организмот.

Благотворно овошје

Ако често консумирате киви, може да бидете сигурни дека количината на триглицериди во крвта ќе се намали за 15 %. Поради богатата содржина на витаминот Ц, кивито е честа состојка на производите кои воглавно се користат за нега на лицето и телото. Тоа ја штити кожата од исушување и ја прави кадифена и мека, го регулира лачењето на маснотиите, ги собира раширените пори и го забавува стареењето. Спроведени се и истражувања кои покажуваат дека ова овошје делува и кога се работи за старосна макуларна дегенерација, главна причина за губење на видот кај постарите. Ризикот се намалува за дури 36% ако се јаде киви секојдневно.

НапоменаИако свежото киви е многу корисно, посебно во текот на зимата, се препорачува внимателност, бидејќи преголема количина од ова овошје може да предизвика алергија. Се советува најмногу две – три киви дневно.

Наведените предности на кивито не се единствените. Еве за што друго помага.

Чистење на кожата

Измиксајте во блендер едно киви со банана и нанесете ја оваа смеса на лицето и вратот. Оставете ја да делува дваесеттина минути, а потоа измијте ја со млака вода. Со оглед на тоа што кивито содржи мали семчиња, при нанесувањет на оваа маска истовремено ќе се направи и мал пилинг на кожата.

Настинка

Исецкајте едно киви, портокал, морков, јаболко, банана и лимон или лимета, додадете им една до две лажици мед и со блендер измиксајте ги. Оваа напивка е исклучително богата со витамини и е одлична како заштита од настинки. Се препорачува да се пие наутро.

Целулит

Еден килограм киви се сецка ситно и се процедува низ цедалка или газа. Потоа се става во када со топла бања. По дваесеттина минути треба да се истуширате со млака или студена вода.

Сјаен тен

Со вилушка изгмечете едно киви и додадете му една супена лажица мед и малку јогурт. Нанесете ја маската на лице и оставете да делува дваесеттина минути. Потоа измијте ја со топла вода.

За трудници

Кивито посебно им се препорачува на трудниците, поради тоа што е богато со витамини од Б-групата и со фолна киселина, која помага за правилен развој на фетусот.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина