Воспалението на нервот на лицето (лат. Pareza facialis) најчесто може да се препознае според слабоста на мускулите на лицето, посебно ако едната страна не ги следи движењата од другата страна на лицето. Но, раните симптоми луѓето многу тешко ги препознаваат, додека причините можат да бидат од широк спектар – бактериски (воспаление на средното уво), вирусни (херпес), системско оштетување на нервот (шеќерна болест, хипертензија, бременост). Какви и да се причините, важно е на појавата на првите симптоми веднаш да се започне со физиотерапевтски третмани. Најголема грешка е пациентот да се испрати дома и да ги имитира гримасите пред огледало без надзор од стручно лице. Во тој случај, ќе дојде до блокирање на мускулите и мекото ткиво на лицето, што ја попречува циркулацијата и ја насобира лимфата. Може да дојде и до несакани потреперувања на усните и очите при говор или џвакање. Тоа посебно важи при периферно оштетување на нервите, кое се согледува преку симптомите на слабост на сите мускули на лицето и асиметричност во споредба со спротивната страна на лицето и со обесени долни очни капаци и усна.

 

Се јавува и засилено солзење на очите, шумови во увото, нарушено чувство за вкус, а највидливо е ако пациентот се обиде да ги затвори очите – тогаш очните јаболкца се движат горе – долу и таа појава е позната под името Белов феномен. Лекувањето се одвива со стручно советување со физиотерапевт, кој ќе го одреди степенот на оштетување и потоа ќе ја одреди понатамошната терапија. Важно е да се знае дека земањето на Б – витамин може да го забрза закрепнувањето на оштетениот нерв, а со физикалната терапија треба да се започне најбрзо што може. Важно е исто така болните да се советуваат како да ја заштитат зафатената страна на лицето. Тие задолжително треба да ја заштитат главата од студ, ветар и силно сонце со капа, бидејќи затоплувањето делува позитивно на нервот кој е силно затегнат, па при топлината може да се опушти и да не предизвикува дополнителни грчеви и гримаси на лицето. Задолжителни за носење се и очила за сонце, со цел очите да не се напрегнуваат поради сонцето и ќе ги заштитат очите од прашина и ветер. Не се препорачува да се џвакаат гуми за џвакање, бидејќи е нужно да се вежба оштетената страна на лицето функционално, а не форсирано.

 

Со сето претходно наведено, треба правилно да се вежба држењето на теллото, бидејќи лошата постура создава силна напнатост во пределот на страната на лицето и вратот и тоа е причина за силна здрвеност на нервот. Можно е трајно оштетување на нервот, но и погрешно насочена структура на нервните влакна по регенерацијата која предизвикува неволни контракции на едните мускули при обид да се активираат другите. Пример е кога при смеење се затвора окото на оштетената страна. Тоа, за жал, на крај може да предизвика делумно или целосно слепило на окото, кое не може да се затвори.

 

Топ  5 најдобри совети за брзо закрепнување на оштетен нерв

 

.Клучно е да се вежбаат целото лице и очите

 

Вежбите за затворање на окото со насочување на јаболкцата кон долу, вежби за уста – дување во вата, подигање на веѓите без поместување на устата, смеење без затворање на окото.

 

Не го слушајте Интернетот, туку стручњаците

 

Не им верувајте на вежбите на хартија или на советите од Интернет, туку пронајдете соодветна терапија во соработка со физотерапевт.

 

Без комбинирање на методи на лекување

 

Истовремено не е добро да се спроведуваат алтернативни методи на лекување (како што е акупунктурата) со оние медицинските.

 

Секогаш покривајте ги очите и главата

 

Очилата и шапките се многу добар сојузник при заболување на нервот на лицето – ги штитат очите од светлина, прашина и ветер, па нема да дојде до преголемо напрегање, кое само ќе ги влоши симптомите.

 

Без силно стискање на вилицата

 

Во спротивно ќе се активираат и онака пресилните мускули од спротивната страна, па притисокот врз закочениот нерв ќе биде уште поголема, а закрепнувањето ќе биде потешко и ќе трае подолго.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина