Современиот начин на живот, односно недосатокот на време, како и недостатокот на витамини во намирниците, ја наметнуваат потребата се повеќе да употребуваме витамини и минерали од “шише” како нешто задолжително за нашиот имунитет да функционира без проблеми.

Голем дел од нас почнуваат со консумацијата на витамини како додаток на исхраната, за зајакнување на организмот при физички вежби и поголеми напори, како и за зајакнување на имунитетот. Се разбира, многу повеќе време ни е потребно доколку после појадокот излупиме и изедеме да речеме еден портокал, а многу помалку доколку ја земеме таблетата со чаша вода и заборавиме на витаминскиот внес до крајот на денот.

Кои да ги одбереме?

Меѓу преполните полици од различни производители, имаме преголем избор на таблети во сирупи или флуиди, за деца, помлади и повозрасни; потоа изолирани поединечни витамини и минерали како витаминот А, Д, Е или К; железо или магнезиум чиешто земање би морало да биде под лекарски надзор. Прекумерната употреба на одредени витамини и минерали може да му наштети на вашиот организам, па дури и да предизвика поголеми проблеми. Пред да набавите било какви нови суплементи кои не знаете да ги дозирате, направете анализа на крв и консултирајте се со лекар. Немојте да голтате таблети со железо само затоа што ви се чини дека сте уморни, уморот нужно не значи и анемија и недостаток на железо, а може да значи преголема количина од некој друг витамин или минерал во организмот кој дотогаш сте го земале без контрола.

Колку навистина имаат ефект?

Некои понови истражувања упатуваат на тоа дека претераното користење има дури и штетни ефекти, додека некои други сугерираат дека од витамините од шише нема никаква корист. Исто така, постојат информации за тоа дека нашето тело не е во состојба да препознае синтетички витамини, па затоа и организмот не ги апсорира. Некои студии укажуваат на тоа дека претераното консумирање на некои суплементи како бета каротен, витамин Е и А, ја зголемуваат смртноста, додека консумацијата на витамин Е и А може да му нанесе некои штети на природниот имунитет.

vitaminski-suplementi_1

 

Витамин Е

Долго време се сметало дека витаминот Е поседува антиоксидансни својства, може да ја спречи појавата на рак на простатата, да влијае на дијабетисот и да ја спречи појавата на одредени кардиоваскуларни болести. Со подетални истражувања, научниците дошле до заклучок дека витаминот Е се задржува во организмот растворајќи се во мастите, а ризикот од појава на рак кај консументите кои внесувале повеќе од препорачаната дневна доза од 15 милиграми, се зголемил. Исто така, откриле дека овој витамин не влијаел на дијабетисот ниту ги намалил болестите на срцето. Посебна напомена е наведена за консумацијата на овој витамин во текот на бременоста, бидејќи е откриено дека доколку се консумира повеќе од препорачаните дневни количини може да наштети во смисла на развој на срцеви маани кај плодот.

Витамин Ц

Уште еден познат антиоксидант, витамин Ц е познат како единствен кој не можеме да го имаме во преголема количина во организмот, бидејќи вишокот од овој витамин преку урината се излачува од организмот. Сепак, новите истражувања откриваат шокантни податоци за заболените од малигни болести- исто како и кај здравите клетки, витаминот Ц им помага и на малигните клетки да пораснат и да се одржат во живот.

Гинко

Познат како лек за крвоток, болести кај респираторниот систем и како лек за лош имунитет, Гинко-то е уште еден од оние суплементи, од кои, лаички речено- немаме преголема корист. Дури постои и ризик од внатрешни крварења, според последните сознанија.

 Фолна киселина

Новите сознанија за неконтролирано и прекумерно земање на фолната киселина говорат дека не само што од нејзе нема корист, туку може да биде и штетно за плодот во раната бременост, односно во текот на првото тромесечие кога може негативно да влијае на разбојот на респираторниот систем и инфекции кај истиот. Значи, трудниците треба да го земаат овој витамин во умерени дози и да се потрудат нивната исхрана да биде разноврсна и да содржи доволно нутриенти сама по себе.

Мултивитамини

И покрај скептиците, докажано е дека суплементите имаат повеќекратни користи за организмот, и се вградени во новата пирамида на исхраната како неизбежни додатоци. Секако, под задолжителна контрола на лекар. Секој вид витамин не одговара за секој поединец, бидејќи, како што веќе рековме, секој организам е различен, почнувајќи од градбата, висината па се до трошењето на калориите и затоа се потребни различни количини на различни додатоци.

Користете и понтаму витамини и минерали, а во специфичните ситиации кога консумирате премногу витамин А, Е или фолна киселина во бременоста консултирајте се со лекар.