Болките во вратниот дел од рбетот најчесто ги погодуваат оние кои долго време седат пред компјутер, телевизор, зад волан, а неретко се предизвикани и од несоодветна висина на перницата за спиење. Кога се поднесуваат подолго време, болката може да се шири кон едното или двете рамења, кон лопатките, па дури и во предниот дел од градниот кош. Кај одреден број луѓе, вкочанетоста на вратниот дел од рбетот може да доведе до проблеми со видот, зуење во ушите, често чувство на мачнина и непријатност во стомакот.

За да се одбегне оваа непријатна ситуација, најважно е да се опуштат мускулите н авратот. За да се постигне тоа, се советува околу вратот и на дел од рамењата да се стави влажна и топла крпа. Штом ќе се почувствува дека се губи топлината, треба да се острани крпата и да се започне со вежбите. Целта на овие вежби е да го зголемат распонот на движењата и да се истегнат вратните мускули. Пожелно е овие вежби да се прават трипати во текот на еден ден. Додека се прават, не треба да се задржува здивот, туку треба да се дише рамномерно на нос.

Лево-десно

Полека вртете ја главата кон десно, се додека не почне да ве боли. Задржете се малку во таа положба, а потоа вратете се во почетната положба. Истото направете го и на левата страна.

Брада на гради

Брадата спуштете ја полека кон градите, задржете се малку, па опуштете се, а потоа вратете ја главата во почетната положба.

Глава на рамења

Наведнете ја главата кон десното рамо, задржете се малку во таа положба, па потоа вратете се во централната положба. Истото направете го и на спротивната страна.

 

Поглед кон таван

Наведнете ја главата наназад, така што да можете да го гледате таванот. Задржете го малку погледот во него и потоа вратете се во почетната положба.

Чело на дланки

Потпрете го челото на дланките и потоа притискајте кон напред. Дланките не смеат да се поместат.

Отпор со рака

Дланката потпрете ја на едната страна од главата, веднаш зад увото. Потоа обидете се да ја наведнете главата на рамото, но така што тоа ќе го оневозможите со раката.

Раце на тил

Потпрете ги двете дланки на тилот, а потоа обидете се да ја наведнете главата наназад, оневозможувајќи го тоа со рацете.

Вртење во страна

Раката ставете ја на слепоочницата. Потоа обидете се да ја свртите главата кон таа страна, додека со дланката ќе го спречувате ова вртење на главата. Опуштете се, променете ја раката и направете ја вежбата на спротивната страна.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина