tenis_naslovna

Тенисот се препорачува за одржување на кондицијата, силата и подготвеноста. Ретко која спортска активност  е од толкава физичка, ментална и емоционална корист за играчите, тврдат истражувачите.

Благодарение на се поголемото следење на мајсторските натпреварина Новак Ѓоковик, Рафаел Надал, Федерер, Давид Ферер, Енди Мареј и другите истакнати тенисери, тенисот во последните неколку години е многу популарен и во Македонија. Многумина сметаат дека тенисот е спорт за цел живот, бидејќи рекреативно можат да го играат и децата и возрасните, дури и постарите, доколку тоа им го дозволува здравствената состојба.

Освен заради дружењето на теренот, тенисот се препорачува и за одржување на кондицијата, силата и агилноста. “Дружењето со рекетот” ја подобрува координацијата, ја зголемува флексибилноста и растегливоста. Истражувачите кои ги проучувале здравствените придобивки од играњето тенис откриле дека ниеден спорт не е толку физички, ментално и емоционално од корист за играчите, како што е тоа тенисот.

Д-р Ралф Пафанбергер, на пример, во период од 20 години следел 10.000 луѓе и дошол до заклучок дека играњето тенис со умерен интензитет три пати неделно, за 50 проценти го намалува ризикот од смртност. Тенисерите се полни со енергија, оптимизам и самодоверба, покажала една студија спроведена на Државниот универзитет во Јужна Каролина, и, генерално ретко имаат проблеми со депресија, напнатост, анксиозност или бес.

tenis_1

 

Како т.н “бел спорт” тенисот бара будност и тактичко размислување, го стимулира создавањето на нови врски помеѓу нервите во мозокот кои влијаат на континуираниот развој на мозочните структури. Професионалниот тенис согорува повеќе калории отколку аеробикот, ролерите или велосипедизамот! Во текот на еден час вежбање бекхенд или форхенд, мажите можат да изгубат и до 560, а жените и до 420 калории.

Доколку некој има желба  да стане професионален тенисер, мора да почне со вежбање уште во детството. Овој спорт може да придонесе за развој на моторните способности и координацијата уште од рана возраст. Но, како и во секој професионален пристап кон спортот, постои можност од повреди поради претренираност и оптоварување.

Белиот спорт има позитивен ефект врз кардиоваскуларниот систем: го помага согорувањето масти и ја одржува енергијата на повисоко ниво. Бидејќи тенисот е интензивен спорт, тој му помага на срцето поефикасно да ја испумпа крвта. Ја зголемува силата на нозете и рацете, а играчите имаат посилни коски и посилни мускули. Ве учи да се фокусирате, да размислувате неколку потези однапред, брзо да се адаптирате на промените, да го проценувате однесувањето на вашиот противник и да испробувате различни стратегии на патот кон победата, што можете да го пренесете и искористите во секојдневниот живот.

Истовремено, можете да научите како спортски да го поднесете поразот и како да ја прославите победата. Со удирањето на топката можете да се ослободите од акумулираниот стрес, а со оглед на фактот дека тенисот е спорт околу кој се собираат голем број на луѓе, ќе имате можност да запознаете  многу истомисленици со кои ќе можете да се дружите и надвор од теренот.

Тагови: тенис