Многу луѓе се жалат дека нивните нозе или раце се постојано студени. Се поставува прашањето дали се работи исклучиво за слаба циркулација?

Студените раце или нозе не се секогаш знак за лоша главна артериска циркулација, но може да лежат во основата на многу други болести.

На кожата се наоѓаат терморецептори кои реагираат на надворешната температура преку намалување или зголемување на протокот на крв низ неа со отворање и затворање на капиларите. На овој начин организмот ја зачувува или се ослободува од вишокот топлина, што се манифестира со студена или топла кожа. Со оглед на тоа дека прстите, рацете и стапалата се најизложени делови од телото, промените најмногу може да се огледаат преку нив.

Преку хормонско и неврогенско делување на овие рецептори или неадекватен одговор на капиларите и малите крвни садови поради нивното оштетување, може да се наруши протокот на крв низ кожата, така што рацете и нозете да бидат постојано студени, или наизменично да следат епизоди на бледило, модрост и црвенило – велат експертите.

Овој феномен често е предизвикан од емоционален стрес, изложеност на студ и пушење.

Според експертите, феноменот често се поврзува со болести на сврзното ткиво, невропатии, ендокринопатии, а може да биде предизвикан и од некои лекови. Преку избегнување на ладење и загревање на екстремитетите, апстиненција од пушење, физичка активност и лечење на болестите може да се спречи враќањето на симптомите кај некои пациенти.

Студените екстремитети може да бидат резултат и на заболувањето на големите крвни садови. Ова е случај при сериозните оштетувања на артериската циркулација. Екстремитетот е студен, блед, а пациентите се жалат на вкочанетост и болка. Дали станува збор за оштетување на главната циркулација или студените нозе се последица на оштетувањето на микроциркулацијата, или пак неврогена или хормонална нерамнотежа, лесно може да се процени со едноставна палпација на пулсот на стапалата или рацете. Доколку тие се отсутни, тогаш проблемите се резултат на промени во главните артерии, па веднаш е неопходен преглед од страна на васкуларен хирург заради преземање на дополнителни терапевтски процедури, вклучувајќи и хируршко лекување .

 На што можат да укажат студените раце или нозе?

Анемија

Доколку освен студените раце почувствувате и некои други симптоми како што се замор, главоболка и малаксаност, проверете го нивото на железо во крвта.

Дијабетис

Студенилото, како и трнењето во рацете и нозете можат да бидат првите знаци на дијабетес. Дијабетесот остава последици врз крвотокот, како и врз нервниот систем, па е често придружен од овој феномен.
Стрес

Стресот го зголемува адреналинот, хормонот кој се произведува во надбубрежните жлезди, а ги стеснува крвните садови, па циркулацијата е послаба, а рацете и нозете се постудени.

Тироидната жлезда

Хипотироидизам или забавена работа на штитната жлезда, резултира до забавување на метаболизмот, а често е придружен со студени екстремитети или чувство на студ.

ИСХРАНА КОЈА ПОМАГА
  • Лук
  • Маслиново масло
  • Црвено вино
  • Пиперка
  • Ким
  • Рузмарин
  • Ѓумбир
  • Цимет
  • Бобинки и овошје богато со витамин Ц
  • Семки од тиква (богати со витамин Е)