Розацеа е хронична болест која ја зафаќа кожата на лицето во вид на црвенило и повремени епизоди на зажареност. Таа понекогаш може да се јави и на градите, вратот, кожата на главата и околу ушите. Како што одминува времето, зафатената кожа добива постојана црвена боја, а може да се појават и проширени капилари. Ако не се лекува, можна е појава и на мозолки и ситни гнојници, а во сериозните случаи отечен и црвен нос. Иако може да се појави кај секого, сепак таа е почеста кај оние кои имаат светол тен, кои лесно се зацрвенуваат. Почесто се дијагностицира кај жените, но затоа кај мажите, пак, почето се наоѓаат потешки облици на оваа болест најверојатно поради тоа што жените поактивно бараат помош во раните фази од болеста.

Причини за розацеа

Иако не се знае точната причина за појавата на оваа кожна болест, повеќе теории го објаснуваат нејзиното појавување. Во кожата на болните, крвните садови многу лесно се шират (дилатираат), се зголемува протокот на крвта под кожата, така што таа изгледа румено и вжарено. Присуство на бактерии и паразити (Demodex foliculorum), иритација на фоликулите, фотооштетување на кожата, оштетување на сврзното ткиво во подлабоките слоеви на кожата, претеран имун или инфламаторен одговор, сето ова може да доведе до појава на розацеата. Постои поврзаност помеѓу активацијата на инфламаторниот пат и присуството на некои бактерии на, инаку безопасниот паразит, Demodex. Црвените мозолки, кои многу потсетуваат на оние кои се појавуваат кај акните, се јавуваат на централните делови од лицето.

Розацеата не може да се пренесе на друго лице. Ова често заболување на кожата, за кое многумина и не знаат дека го имаат, остава длабоки психолошки, социјални и професионални проблеми. На почеток, симптомите на розацета се јавуваат повремено, а подоцна стануваа се почести. Причината за нејзината појава се уште не може да се прецизира, но се претпоставува дека ја активираат фактори како што се сончево зрачење, зачинета храна, алкохол, кофеин, топлина, стрес и хормонски промени.

Нега на кожата

Треба да се одбегнуваат средства за чистење на кожата кои содржат алкохол, салицилна киселина и бензоил-пероксид, како и сите производи коишто се наменети за третмани на акни. Не е препорачливо ни миење со сапун. Лицето треба да се мие со студена или млака вода и да се брише со тапкање до крпа, никако со триење. Сите средства за нега на кожата треба да се што поприродни и прилагодени за чувствителна кожа. Треба да се одбегнуваат производи кои содржат вештачки мириси, но и масла на ментол и еукалиптус, бидејќи тие исто така делуваат надразнувачки. Мажите треба да користат електричен бријач наместо жилет и лосиони по бричење кои не содржат алкохол и ментол. Треба исто така да одбегнуваат сонце и да користат крема со заштитен фактор 15.

Покрај тоа што како виновник за појавата на розацеата се наведува генетската предиспозиција, докажано е и дека начинот на исхрана и живот исто така многу одредуваат дали некој ќе заболи од оваа болест. Се смета дека денешната брза и презачинета храна, како и храната која содржи многу шеќери, влијаат на појавата и влошувањето на оваа болест. Како фактоти на ризик се сметаат и гастритисот, хормонските промени, пречки во варењето и стресот. Освен што треба да се одбегнуваат намирници кои можат да ја влошат состојбата на болеста, потребно е да се консумира и свежо овошје и зеленчук, намирници богати со омега-3 масни киселини, интегрални житарки, мешунки и јајца. Препорачливо е да се пие многу вода, растителни чаеви и цедени сокови. А многу важно е и да се внесува доволно цинк.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина