Терминот неуробик го имаат воведено Американците Лоренс Кац и Менинг Рубин, за со него да го означат системот од вежби за поттикнување на умствените способности. Главните задачи на неуробикот се стимулација на работата на мозокот и зачувување на добрата меморија. Вежбите треба да ги прават сите децата за да го тренираат вниманието и да се навикнуваат да учат нови содржини, а возрасните за да бидат умствено активни и за да ја спречат деменцијата. Умствените способности слабеат со слабеење на врската помеѓу клетките во кората на големиот мозок. Некогаш се сметало дека овие нервни клетки не се обновуваат, но од неодамна е докажано спротивното. Изумрените нервни клетки, како и клетките на кората на големиот мозок, можат да се репарираат, но за тоа е потребен редовен тренинг.

Бистрината на умот можат да ја зачуваат секојдневните вежби за развивање на интелигенцијата и меморијата. Се препорачува да се играат друштвени игри како шаг, домино, карти, да се решава судоку, а најдобриот умствен тренинг е решавањето крстозборки. И физичката активност, свежиот воздух и здравата храна исто така влијаат позитивно на подобрувањето на помнењето. Стручњаците советуваат да се престојува секојдневно на свеж воздух најмалку 40 минути, бидејќи така ќе се зголеми концентрацијата на кислород во организмот, кој е и и најважната ,,храна за мозокот,,. За физичка активност дневно треба да се издвојуваат околу 45 минути. Брзото одење лесно го забрзува пулсот и го стимулира крвотокот, па затоа е една од физичките активности кои придонесуваат за подобро помнење. Но, како најдобар сепак останува неуробикот. Неоговите вежби се многу едноставни, но исклучително ефикасни. Не бараат многу време, пари ниту дополнителна опрема. Можат да се прават каде било и во кое било време, дома, во парк, во јавен превоз или на работното место. Дури и кога јадете, или се туширате, можете да го искористите времето за да си ги наострите вијугите.
Вежба 1.

Обидете се да одите низ станот со затворени очи. Испружете ги рацете напред, за да избегнете да се повредите. Тоа е одлична вежба за концентрација.

Вежба 2.

Ако сте деснорак, обидете се да ги вршите секојдневните обврски низ домот со левата рака, и обратно. Да речеме, кога ги ги миете забите, четкичката држете ја со спротивната рака од онаа со која пишувате.

Вежба 3.

Не одете на работа или во продавница по истиот пат. Често менувајте ја маршрутата по која одите, бидеќи така ќе им овозможите на своите сетила да впијат нови информации. Така ќе го зајакнете мозокот, но мускулите на нозете.

Вежба 4.

Вклучете го телевизорот и во целост исклучете го звукот. Обидете се по мимиките, изразите на лицата и другите призори кои ги гледате на екранот да откриете за што зборуваат учесниците во емисијата.

Вежба 5.

Ако сакате да читате модни магазини, за промена, купите некој кој се занимава со економија, или прочитајте натпис за животните. Одвреме – навреме променете го фокусот. Така ќе го изострите своето внимание, но немојте да се откажете од своите интересирања.

Вежба 6.

Обидете се да го промените животното темпо. Ако сте бавни, поставете си задача да се забрзате, а ако сте брзи, работете пополека. Промената на природното темпо е одличен тренинг за концентрација.

Вежба 7.

Испланирајте ги викендите, но така што секој да биде поинаков од претходниот. Еднаш посетете ги знаменитостите во градот, следниот пат појдете на излет во природа. Одберете некоја театарска претстава, а следната недела отидете на кино или на концерт.

Вежба 8.

Раскажувајте анегдоти, вицеви и шеги. Тоа е многу корисна умствена вежба. Хуморот ги развива креативноста и умствените способности.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина