Ова е болест на модерните мажи кои се опседнати со билдање на мускулите и постигнување на мускулест изглед, кој може сериозно да го загрози животот. Еве и како.

Мажите ширум светот ги жртвуваат своите животи за да добијат мускулест изглед. Всушност, тие патат од мускулна дисморфија позната како бигорексија. Ова нарушување може да предизвика депресија, склоност кон самоубиство, како и ненадејна смрт од мозочен удар и срцев удар. Откако во Дејли мејл била објавена вест за смртен случај на дваесетгодишно момче, голем дел од светската јавност со сериозност почнала да се однесува кон нарушувањето познато како бигорексија.

Од нарушувањето кое се карактеризира со опсесивна потреба за зголемување на мускулите пати секој десетти маж кој оди во теретана. Како што болните од анорексија не се во состојба да сфатат дека не се предебели, така и мажите кои патат од бигорексија не прифаќаат дека нивните мускули се доволно големи и покрај објективните изгледи.

Ова анкциозно нарушување покрај психички тегоби доведува и до сериозни здравствени проблеми, на прво место до срцев и мозочен удар, собирање на тестисите, губење на косата, безволност, па дури и до обид за самоубиство. Овие проблеми се потенцирани и поради злоупотребата на супстанциите за вештачко зголемување на мускулите, кои можат да му штетат на кардиоваскуларниот систем.

Опседнатоста во оддлени случаи може да стане доминантна преокупација, така што таквите случаи доведуваат до сериозна дисфункционалност и фокусирање исклучиво на нарцисоидно занимање со своето тело. Таквите луѓе се буквално оневозможени да се вклопат во социјалните облици на однесување и да  се занимаваат со вообичаените активности и работи.

Во една програма на Би-Би-Си, стручњаците од оваа област, предводени од Роб Вилијамс (кој води Центар за дисморфично нарушување), ја разгледувале бигорексијата како психичко нарушување и укажале на причините кои лежат во генетиката и нерамнотежата на хормоните во мозокот, и кои се карактеристични и за повеќето други психијатриски состојби. Како поттикнувач се наведуваат траумите во детството предизвикани од злоупотребување и создавање несигурности кај детето, што во адолесценцијата довело до сублимација на фрустрациите во проекцијата за идеална телесна градба, која би требало да биде слика на успешност и моќ. За жал, како и голем број други екстремни експерименти со сопственото тело, и бодибилдингот може да биде стапица во која паѓаат голем број млади луѓе, кои на крај се принудени да побараат стручна медицинска помош.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина