На измислувањето на болести му претходи некоја трауматска случка, како што е смрт во семејство, развод, болест во семејството, негување на тешки пациенти или неуспеси во кариерата. Емоционалното нарушување и стравот се ,,двигатели,, по кои се преувеличува секоја промена. Емоционалното нарушување и стравот се основа на секоја хипохондрија, поради која поединецот ја преувеличува секоја промена во фунционирањето или изгледот на телото, а симптомите се поврзуваат со тешки болести. Хипохондријата всушност е синдром кој во себе содржи збир од симптоми поврзани со разни болести. Хипохондриците нормалните и обичните чувства често ги толкуваат како нешто да не е во ред со нивното здравје и тоа психички ги оптоварува. Вниманието им е насочено најчесто на срцето и притисокот, како и на органите за варење. Тие веруваат дека болеста или нарушувањето се навистина присутни, поради што се подложуваат на многубројни и непотребни прегледи и испитувања. Негативните наоди по прегледот или по лабораториските испитувања само накратко можат да ги разубедат, но набрзо потоа симптомите повторно се враќаат.

Според сведочењето на докторите, многу луѓе денес имаат проблеми со измислени болести; и покрај тоа што се целосно здрави, постојано стојат пред докторските ординации, доаѓајќи со наводно уште потешки и сериозни симптоми. Дури и една безопасна мачнина во стомакот, производ од варењето на храната, доволно е да го придвижи менталниот склоп на луѓето кои спаѓаат во оваа група и додека да трепнете веќе чекаат во ред во болница.

Симптоми

Голем број од нив го минува целиот ден во читање книги или пребарување на Интернет за сите можни последици од најтешките заболувања, со што на себе дополнително си ја убиваат психата, правејќи се себеси потенцијално болни. Покрај ова, личностите кои страдаат од споменатото нарушување стануваат толку многу вознемирени, што не можат нормално да јадат, спијат и да извршуваат секојдневни работни обврски. И покрај тоа што денес на ова нарушување се гледа со доза на хумор, тоа ни малку не е наивно, всушност претставува вистинско психичко нарушување, вистинско како што е депресијата. И, неговите последици можат да бидат од разорен карактер.

Распространетост

Убедувањето дека една личност е болна, и покрај тоа што сите докази го покажуваат спротивното, или хипохондријата, зафаќа дури 5% од целокупното европско население, наведува Европското здружение на психијатри. Првпат се јавува на околу 20 години старост и може да биде придвижено од некоја стресна ситуација при стресен здравствен преглед, или болест на близок пријател или роднина. А кога еднаш ќе тргне, тогаш останува многу долго и посебно се засилува во стресни ситуации. Ова нарушување ги опфаќа и мажите и жените подеднакво.

Припадниците на оваа група не се задржуваат само на разгледување и информирање за својата наводна болест, туку и делуваат. Тие постојано бараат од докторите постојано да ги тестираат, со цел да откријат што е тоа што навистина ги измачува и со тоа да им ја смират совеста и психата.

Голем број од хипохондриците се свесни и признаваат дека нивните стравови и немаат многу смисла. Всушност, кога се работи за симптомите, тие не се под доброволна контрола на личноста која ги има. Дури и покрај тоа што овие личности се убедени дека испитувањата и информирањата од Интернет, како и лабораториските анализи, ќе ги убедат во она во што веруваат, сепак во повеќето случаи ни тоа нема да им биде доволно.

Лекување

Токму поради овој факт, хипохондријата претставува вид на нарушување кое многу тешко се лекува, но експертите во последно време направиле извесен напредок кога се работи за лекувањето. Неколку студии покажале дека земањето лекови антидепресиви може да помогне. Во лекувањето на ова нарушување се користат и лекови кои се за контролирање на нарушувања на вознемиреноста.

Студиите имаат покажано и дека когнитивната – бихевиористичка терапија е многу ефикасна во лекувањето на ова нарушување, бидејќи со помош на терапевт/психијатар хипохондриците можат да научат како да се спротивстават на своите неосновани претпоставки и на тој начин да го променат своето однесување.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина