Познато е дека телесната активност помага во надзорот на телесната тежина, ја одржува густината на коските и јачината на мускулите, го намалува ризикот од развој на висок крвен притисок и шеќерна болест, ја подобрува психолошката состојба и го намалува ризикот од срцеви болести и прерана смрт. Постојат убедливи докази дека телесната активност е поврзана со намалениот ризик од рак на дојката и дебелото црево, а неколку студии ја докажале и врската помеѓу телесната активност и намалениот ризик од рак на белите дробови и рак на слузокожата на матката (ендометриумот). Сепак, важно е да се има на ум дека телесната активност не е во еднаква мерка корисна во спречувањето на сите облици на малигни болести.

Рак на дебелото црево

Влијанието на телесната активност врз појавата на малигните болести најмногу било истражувано кај ракот на дебелото црево. Повеќе студии најчесто потврдуваат дека оние со повисоко ниво на телесна активност, и тоа независно од нејзиниот интензитет, траење и зачестеност, можат да го намалат ризикот од развој на рак на дебелото црево за 30 – 40 % во однос на оние кои живеат седеечки.

Рак на дојка

Во повеќе од 60% од истражувањата е докажано дека телесно активните жени имаат помал ризик да заболат од рак на дојката од неактивните жени. За жал, обемот од тоа влијание е се уште тешко да се утврди бидејќи, зависно од истражувањето, намалувањето на ризикот се проценува во значително широк распон. Посебно важно е да се истакне дека занимавањето со спорт во адолесценција може да има важна заштитна улога во постара возраст, иако се покажало дека и оние жени кои ја зголемуваат физичката активност по менопаузата можат да го намалат ризикот да заболат од оваа подмолна болест.

Рак на ендометриумот

Многу мал број истражувања го имаат опфатено ракот на ендометриумот, но постоечките упатуваат на тоа дека кај телесно активните жени ризикот од него е намален за 20 – 40 %. Најголемо намалување е забележано кај оние со највисоки нивои на телесна активност, и тоа кај сите старосни групи, додека влијанието на телесната активност засега не е поврзана со телесната маса. Промените во метаболизмот на половите хормони, како што е естрогенот, веројатно се главните биолошки механизми кои ја објаснуваат поврзаноста помеѓу телесната активност и ракот на ендометриумот.

Рак на белите дробови

За разлика од силно докажаниот превентивен ефект кој го има телесната активност во намалувањето на ризикот од добивање рак на дебелото црево и рак на дојката, улогата на телесната активност при добивањето рак на белите дробови не е толку изразена. Сепак, дваесеттина истражувања упатуваат на тоа дека телесната активност може да го намали ризикот од добивањето на овој вид рак. Притоа, тука треба да се земат во предвид и други ризични фактори, како што се пушењето или хроничните болести на дишниот систем, така што проценката на влијанието на телесната активност во намалувањето на ризикот од рак на белите дробови можеби е потценета. Со тоа, односот на телесната активност и ризикот од рак на белите дробови е помалку јасен кај жените, а е повидлив кај мажите.

Влијанието на телесната активност врз текот на болеста

Иако честопати не делува директно врз самиот тек на болеста, телесната активност може во голем број случаи значително да го подобри квалитетот на животот, па и да ги намали или одложи секундарните компликации на одделни болести. Така, на пример, едно истражување покажало дека жените кои по дијагностицирање на рак на дојката вежбале умерено (пр. 3 5 часа неделно се занимавале со брзо одење) ги подобриле изгледите за преживување во споредба со оние жени кои ретко или кои воопшто не се движеле.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина