Позната уште и како Ерусалемска артичока (Helianthus tuberosus), денес чичоката е популарна како афродизијак и диуретик, но и како помошно лековито средство за дијабетес и реума. Редовно се користи како замена за компирот во исхраната на дијабетичарите и луѓето кои имаат проблем со тежината. Многу одамна на менито на северноамериканските Индијанци се наоѓало токму ова растение, од каде и што води потекло. Во Европа се појавила во текот на 17 век, најпрво во Франција.

Цветовите на чичоката наликуват на оние на сончогледот. И, навистина, ова растение е во сродство со него. Карактеристично за чичоката е нејзиниот задебелен корен кој се јаде и кој, за разлика од компирот, на пример, не содржи скроб. Од таа причина чичоката е многу омилена во диеталната исхрана.

Чичоките успеваат на чистинки, на пример покрај некоја ограда или покрај ѕидовите од куќи, каде можат да развијат широки гранки и до 3 метри. Цвета во септември и октомври. Таа е повеќегодишно растение со добро развиен корен во облик на вретено, кој продира длабоко во земјата. Коренот е многу сличен на компир, со должина од 10 см и ширина од 5-7 см. Бојата им се движи во разни нијански, од бела до виолетово-црвена. Тежат од 1 до 100 гр. Цветовите се наоѓаат на врвот од гранките и се во облик на главчиња. По боја се жолти и многу слични на цветовите на сончогледот, но многу поситни. Сировиот корен има вкус на лешник, а сварен на артичока. Поднесува секакви временски услови, од остра зима, се до високи температури. Чувствителна е на габи, а отпорна на бактерии.

По својот хемиски состав, чичоката претставува многу квалитетен зеленчук со висока хранлива вредност, бидејќи содржи суви материи околу 21%, јагленохидрати околу 17%, протеини 1,5%, масти 0,2%, минерални материи околу 1,1%, витамини Д, А и Ц и минерали калиум, фосфор, калциум, магнезиум, железо и др. Чичоката е интересен извор и на есенцијални аминокиселини, кои организмот не може да ги произведе. Основна состојка на јагленохидратите е инулинот, кој е многу важен во исхраната на дијабетичарите. Инулинот е пробиотик кој го стимулира развојот на корисните бактерии во цревата (бифидобактериите и ацидофилите), кои имаат повеќекратно позитивно делување врз организмот; ги елиминираат штетните микроорганизми од цревната флора (Clostridium sp., Salmonella sp., E. coli, Candida sp), спречуваат цревни инфекции, ја подобруваат апсорпцијата на минералите за 20% (Ca, Mg и Fe), самите произведуваат витамини од B-групата, го намалуваат производството на токсините во црниот дроб, го јакнат имунитетот и помагаат во превенцијата од рак на дебелото црево.

Кај народот, чичоката се употребува како антиоксидантен аперитив, афродизијак, диуретик, сперматогенетик, тоник, детоксикант и антибактерик во лекувањето на: артритис, болести на крвта и крвните садови, дијабетес, импотенција, реума и ревматски болести, остеопороза и др. Го намалува и нивото на холестерол и триглицериди. Помага во варењето на храната, алергии на храна, повишен крвен притисок. Особено е препорачливо за слабокрвни луѓе.
За најдобро да се искористи лековитоста на чичоката, треба да се консумира сировиот корен, бидејќи обработениот корен со топлина ги нема лековитите својства како и сировиот. Се препорачува да го користат и здрави луѓе. Само ставете го како додаток во салати, супи или чорби.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина