Речиси да не постои човек кој не сака во лето да се разлади со овој деликатес. Но, колку всушност знаете за нејзините семки? Луѓето најчесто ги фрлааат и го јадат само месото на лубеницата, а научниците тврдат дека тие се многу здрави за нашиот организам.

Истражувањата велат дека семките на лубеницата се одлични за дигестивниот систем. Тие содржат влакна кои се борат против воспаленија и кои го подобруваат варењето. Како природни диуретици, помагаат при проблеми со камен во бубрег, како и кај уринарни проблеми. Во себе содржат, исто така, цитрулин, кој има антиоксидативни својства. Веќе знаеме дека антиоксидансите се борат против оштетувањата на клетките во нашиот организам и дека се многу важни како превентива за различни болести, посебно за канцер.

Исто така, содржат во себе незаситени и полизаситени масти, кои помагаат во намалувањето на нивото на лошиот холестерол во крвта. Тоа значи дека тие всушност помагаат во спречувањето на срцевите заболувања и на мозочниот удар. Добар начин да се искористат сите потенцијали на овие семки е да се варат околу 45 минути, а потоа таа течност треба да се испие. Уште еден друг рецепт е да се испечат во рерна 15-тина минути, на температура од 160 степени Целзиусови. Ако ви се допаѓа нивниот вкус, можете да им додадете сол и маслиново масло. Тие уште се богати и со железо, фолна киселина и магнезиум. А од калории, во 30 грама (400 семки) има само 158 калории.

Затоа, ова лето грицкајте семки од лубеница и бидете здрави!

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина