Финските научници ја следеле состојбата на 2.315 мажи со добро здравје на возраст од 42 до 60 години во рамките на пошироко истражување за факторите кои влијаат на развојот на коронарни болести. Мажите се поделени во три групи според зачестеноста на посета на сауна: првата група ја сочинувале мажи кои посетувале сауна еднаш неделно, а втората група оние кои оделе два до три пати неделно. Третата група, пак, биле мажи кои оделе во сауна четири до седум пати неделно.

Статистиката не лаже

Елиминирајќи ги факторите кои би можеле да влијаат на резултатите, како што е возраста, податоците за консумирање алкохол и уживањето во цигари, податокот за телесната маса и стресот, научниците утврдиле дека оние мажи кои во текот на 20 години редовно посетувале сауна биле помалку подложни од развој на деменција.

Опасноста од дијагноза на деменција кај оние мажи кои оделе во сауна четири до седум пати неделно била за 66% помала од оние кои оделе еднаш неделно, а изгледите за развој на Алцхајмерова болест биле помали за 65%, покажале резултатите од истражувањето.

Поврзаноста помеѓу одењето во сауна и ризикот од развој на деменција порано не била истражувана, но некои резултати од студијата за факторите кои влијаат на развојот на коронарни болести покажале дека редовните посети на сауна кај испитаниците значително го намалиле ризикот од развој на тешки срцеви болести, но и стапката на морталитет.

Уште не се знае како тоа точно делува

Водачот на студијата, Јари Лауканен, рекол дека одењето во сауна во исто време ги штити срцето и помнењето преку слични механизми, иако уште не е утврдено на кој начин.

– Познато е дека кардиоваскуларното здравје влијае и врз мозокот. Чувството на опуштеност и удобност кои ги дава престојот во сауна исто така може да има важна улога – рекол тој, додавајќи дека е потребно да се спроведат дополнителни студии за поврзаноста помеѓу одењето во сауна и проблемот со помнењето.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина