Лесното отекување на долниот дел од нозете – стапалата и зглобовите, е последица од задржувањето на вода и е честа појава за време на врелите летни месеци. Овие тегови се изразени и кај оние кои долго време стојат или одат.

Освен оток и укоченост, понекогаш се јавуваат и болки во стапалата, глуждовите и колената, чувство на тежина во нозете и намалена подвижност. Во повеќето случаи не постои причина за загриженост, но тоа може да биде последица и на посериозни здравствени проблеми.

Причини

Освен летните жештини, овој многу распространет проблем може да биде предизвикан од замор, долго стоење, долго одење или седење со прекрстени нозе, претерана употреба на сол во исхраната, бременост, дебелина, ПМС или физички напор. Исто така, отечените нозе можат да бидат знак за проблеми со црниот дроб, срцето, но и од проширени вени, бактериски и габични инфекции. Кај оние кои имаат проширени вени или тромбоза, најчесто им отекува само едната нога. Задолжително посетете доктор ако нозете ви се отечени подолго време, ако имате прекумерна телесна тежина, ако сте бремени или ако покрај оток на ногата се јавуваат и видливи промени на кожата или ако имате отежнато дишење.

Превенција

Како превенцја се препорачуваат умерени физички активности, како што се вежбањето и пливањето, кои се идеална рекреација и кои исто така ја подобруваат циркулацијата и помагат да се отстрани вишокот вода од организмот. Не се препорачува долго стоење и седење, дури и ако тоа го налага работата. Секој слободен миг треба да се искористи за прошетка и за протегнување на нозете.

Исто така, се советува барем три пати дневно да се прилегне со малку подигнати нозе, како и да се внесуваат доволно течности, најдобро вода или растителни чаеви (колку помалку се внесува течност во организмот, толку повеќе организмот задржува вода во себе). Покрај тоа, треба да се намали и употребата на сол во исхраната, да се одбегнува носење високи потпетици, тесна и неудобна облека, која може да ја забави циркулацијата. Исто така, не е препорачливо долго да се престојува на сонце, бидејќи топлината ги слабее вените и доведува до појава на отоци.

Еве кои облоги можете да и направите дома за да се спасите од овој здравствен, а пред се и естетски проблем.

 

Облога од кантарион и бреза

Измешајте по 100 гр. кантарион и 200 гр. иситнети листови од бреза и сето тоа прелијте го со 3 л. вода. Мешавината варете ја на тивок оган 2 часа, а потоа тргнете ја од огнот и оставете ја да отстои поклопена два часа. Процедете ја и повторно загрејте ја млако. Натопете крпа или газа со неа и оставете ја да стои на отеченото место по два часа наутро, попладне и навечер. Кога ќе ја тргнете облогата, намачкајте го болното место со маслиново масло.

Облога од зелка и рен

Изрендајте половина глава свежа зелка и ситно исецкајте еден лист од рен. Измешајте ги и ставајте ги на болните места три пати на ден по еден час. По ставањето, болните места премачкајте ги со маслиново масло, завиткајте ги во волнени крпи и држете ги така уште еден час.

Бања од камилица и мелиса

Една супена лажица камилица измешајте со 2 супени лажици ситно исецкана мелиса и прелијте ја оваа мешавина со 1 л. врела вода. Варете 5 минути. Потоа, во 1 л. млака вода растворете 1 супена лажица морска сол, додадете го исцедениот чај и во таа вода држете ги нозете 25 – 30 минути.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина