Прескокнувањето јаже е одлична кардиоваскуларна вежба за во зимските денови кои следат, кога едноставно не ви се излегува од топлиот дом. Не само што многу брзо ќе добиете и ќе ја подобрите кондицијата, добро и ќе се испотите, а килограмите полека ќе се топат. Не треба да се заборави дека прескокнувањето јаже е една од основните вежби кои ги прават боксерите за да ја подобрат кондицијата и формата, па така таа е и повеќе од совршена вежба и за сите рекреативци. Освен јаже за прескокнување, за оваа активност најважно е да се има добри патики и малку помека подлога на која ќе скокате. Оберете патики наменети за тенис или кошарка, а одбегнувајте ги оние кои се за трчање, бидејќи нема да ви дадат доволно поткрепа на предниот дел на стапалата и прстите на кои ќе скокате. Ѓонот нека биде подебел и анатомски, по можност да имаат воздушни перничиња за прстите и за ножните јагодици или некоја технологија. Одбегнувајте да скокате на бетонски површини, површини поплочени со плочки или камен. Вежбајте на паркет, ламинат или некои други слични површини. Ако, пак, немате можност да вежбате на помеки површини, ставете на подот потенка подлога за вежбање и скокајте на неа (стар душек за јога, тепих или нешто слично). Така ќе ги зачувате зглобовите и рбетот од болки, повреди и трајни оштетувања.

Која група на мускули ја вежбате?

За да нема забуни, прескокнувањето јаже не е ни малку лесна задача, а она што е совршено кај неа е тоа што ги вежбате сите групи на мускули од телото. Многу брзо по започнување на прескокнувањето ќе откриете кои делови од вашето тело се најслабите алки, а тоа посебно ќе дојде до израз ден или два по вежбањето, кога ќе ве заболат мускулите. Прескокнувањето јаже освен што ќе ви ги дефинира нозете и задникот, ќе ви помогне да ги дефинирате и абдоминалните мускули и да добиете рамен стома. Имено, со прескокнувањето на јаже, абдоминалните мускули работат посебно, па ќе ја зајакнете и комплетната структура на рбетот.

 

skoksanje-jaze112

Поврзаноста на јажето со хормоните

HGH – хормонот за раст е хормон кој телото го испушта за време на физичка активност, како што е прескокнувањето на јаже, и служи за согорување на маснотиите. Најдобар начин на кој можете да го зголемите излачувањето на овој хормон е да правите вежби со висок кардио интензитет помеѓу 30 – 60 секунди, после кои ќе следат една до две минути одење или кардио вежби со послаб интензитет.

Како да вежбате?

Откако ќе облечете добри патики и ќе најдете погодна подлога, подгответе се за 15-минутно прескокнување, ако сте во полоша форма, и за 30 – минутно ако сте во подобра форма. Секако, ако не се во форма, почнете полека, прескокнувајте секој втор ден и зголемувајте го интензитетот.

  • Застанете пред часовник, на кој ќе можете да ги мерите секундите
  • Загревајте се три минути прескокнувајќи го јажето со воедначен, не претерано брз ритам
  • Одморете се 30 секунди

  • Прескокнувајте го јажето 60 секунди, колку што можете побрзо
  • Одморете се 30 секунди
  • Следната минута правете чучнувања, со колку што можете повеќе повторувања. Внимавајте на тоа да ги правите правилно
  • Прескокнувајте го јажето 60 секунди, колку што можете побрзо
  • Одморете се 30 секунди
  • Следната минута правете чучнувања, со колку што можете повеќе склекови и полусклекови
  • Повторувајте го овој образец во следните 15 – 20 минути

 

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина