Долготрајното работење во канцеларија пред компјутер може да доведе до низа здравствени последици предизвикани од предолгото седење во неправилна положба. Покрај проблеми со рбетот, долгото седење може да предизвика појава на шеќерна болест, дебелеење и дегенеративни заболувања на коскено – зглобниот систем. Голем број работи бараат седечка положба на телото. Тоа води до оптоварување на мускулите на вратот, рамената и рацете. При долготрајното напрегнување на истите може да дојде до сериозни последици. Како резултат на појавата на преголема напнатост на мускулите и укоченост на зглобовите доаѓа до замор и исцрпеност, проблеми со очите, главоболка, потешкотии со циркулацијата и концентрацијата. Редовните вежби за истегнување и опуштање можат многу да придонесат за превенција од споменатите тегоби. Докторите потенцираат дека модерниот начин на живот, недостатокот на време, разните технолошки погодности и неактивното минување на слободното време придонесуваат седењето да ни стане начин на живот и директо придонесуваат за физичката неактивност.

Кај седечката положба доаѓа до скратување на мускулите на колковите, како и на скратување и затегнување на мускулите на градите. Од друга страна, доаѓа до издолжување и слабеење на мускулите на горниот дел на грбот. Првите треба да се истегнуваат, а другите да се зајакнуваат. Кога на ова ќе се додаде и напнатоста и укоченоста на вратните и рамените мускули, укоченост на рачните зглобови, заморот на очите, проблемите со циркулацијата, тогаш е јасно дека програмите за вежбање на работното место треба да содржат движење, динамични вежби за размрдување и јакнење, како и статички вежби за истегнување на одредени мускули. Вежбите треба да бидат такви што ќе можат да се изведуваат на работното место во траење од десет минути, неколкупати на ден. Многу е важно вежбите да се изведуваат полека, внимателно и да се контролира секое движење. Ако за време на изведувањето се појави болка, треба да се прекине со активноста. Затоа, за време на работното време искористете ја секоја можност за кратка прошетка. Прошетајте до колегата наместо да му се јавите на телефон, користете ги скалите наместо лифтот, шетајте за време на паузата. На пример, додека разговарате по телефон не треба да седите, туку да станете и да чекорите низ канцеларијата.

sedenje1

Едноставни вежби

Размрдување на вратот

  • Во исправена седечка положба полека спуштете ја брадата на градите, а потоа во спротивен правец спуштете го тилот кон грбот.

  • Наизменично спуштајте ја главата кон десното, па кон левото рамо.

  • Повторете ја оваа вежба 10 пати.

Размрдување на рамењата

  • Застанете во исправена седечка положба и наизменично кревајте ги и спуштајте ги рамењата.

  • Кружете со рамењата нанапред и наназад.

  • Повторете ја оваа вежба 10 пати.

По само 20 минути седење крвта оди во нозете и се создава голем притисок на карлицата. Замислете кои се последиците по поминат цел работен ден во седење. Стручњаците советуваат редовно да земате одмор и да станувате секојпат кога можете, бидејќи долгото седење предизвикува укоченост и искривување на карлицата. Поради сето тоа ,,седечката,, работа може да доведе до кардиоваскуларни болести поради слабиот проток на крвта, скратување на тетивите и стегнатите нерви.

Кога стоиме тежината е распределена. Но, кога седиме ја изобличуваме природната крива на карлицата, па грбните мускули мора да направат нешто за да го држат грбот. Затоа ваквиот вид на положба на телото делува и ментално и физички стресно на нашиот грб. За да се задржат здрави трите главни криви на карлицата, потребно е правилно држење. Вратот мора да биде напред, горниот дел од грбот да биде закривен кон нанадвор, а долниот кон навнатре. Рамењата треба да се опуштени, а лактите од страна на телото. Згрбавеноста мора да се избегнува. Треба да се седи исправено, со задникот допрен во целост до столот, а стапалата рамно поставени на подот. Обидувајте се да станувате на секои 20 минути, најмалку на секој час. Истегнувајте се во текот на денот неколкупати, така што ќе ги споите дланките зад долниот дел од грбот и ќе се истегнете нанапред.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина